Документарниот филм The Tale of Silyan (Приказната за Силјан), во режија и продукција на Тамара Котевска, е официјално номиниран за Најдобар документарен филм на Film Independent Spirit Awards за 2026 година – уште еден значаен меѓународен успех за македонската авторка и документарната сцена.
„The Tale of Silyan“ е дел од селекцијата за Best Documentary, каде се најде меѓу ограничен број избрани остварувања што ја одбележаа независната документарна продукција во изминатата година. Номинацијата се доделува на режисерот и продуцентите, а филмот на Котевска е реализиран во копродукција со Jean Dakar, Anna Hashmi и Јорданчо Петковски.
Годинешното, 41-во издание на Spirit Awards, ќе се одржи во Hollywood Palladium, а победниците ќе ги избираат исклучиво членовите на организацијата Film Independent. Свечената церемонија ќе се пренесува во живо на YouTube каналите на Film Independent и IMDb, на 15 февруари 2026 година.
Номинацијата на „The Tale of Silyan“ доаѓа како потврда на авторската доследност и визуелно-етичкиот пристап по кој Котевска е препознаена и во претходните нејзини меѓународни успеси. Филмот ја продолжува нејзината документарна поетика фокусирана на човекот, достоинството и тивките, но длабоки приказни што ретко добиваат простор на големата сцена.
Со оваа номинација, македонскиот документарен филм повторно се најде во центарот на светската независна филмска јавност.
The Tale of Silyan својата меѓународна приказна ја започна на Venice Film Festival, каде беше награден со престижната Cinema & Arts Award – признание што веднаш го позиционираше филмот меѓу најзабележителните документарни остварувања на годината. Тој успех беше само почеток: „Силјан“ продолжи да освојува награди и селекции на реномирани фестивали и институции како NY Doc, IDA Awards, Bergen, Cinema Eye Honors, Coronado Island Film Festival во Калифорнија и на уште низа значајни меѓународни сцени.
Најсилната потврда за меѓународниот кредибилитет и влијание на филмот дојде со откупот на правата од страна на National Geographic Documentary Films. „The Tale of Silyan“ е и официјален македонски кандидат за Academy Awards во категоријата најдобар странски филм, додека National Geographic го поднесува како кандидат и во трката за Оскар за најдобар документарен филм. Со ова двојно оскаровско присуство, повторно се отвора можност за историски момент – двојна номинација поврзана со авторството на Тамара Котевска, што би претставувало редок и исклучителен успех за македонската кинематографија.
Ј. Ѓорѓиоски







