Основните и средните училишта во областа Атика, поширокиот регион на Атина, со одлука на префектот, денеска се затворени, поради невремето „Бајрон“ што ја зафати цела Грција, додека во грчката метропола создаде сериозни проблеми со обилен дожд, поплавени улици и штети.
Невремето со обилен дожд и грмотевици започна вчера во попладневните часови, траеше во текот на ноќта и продолжува и денеска, а противпожарната служба на Грција до 6 часот утрово во областа Атика примила 290 повици за помош, при што интервенирала во 90 испумпувања на вода, 27 сечења на дрвја и 12 пренесувања на лица на безбедни локации.
Според мрежата на автоматски метеоролошки станици на Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, заклучно со 7 часот утрово, најголемите количества дожд се забележани во западна и северна Атика,
Поконкретно, најголемото количество дожд е регистрирано во Влихада во западна Атика – 131 милиметри дожд, односно 131 литар вода на квадратен метар и во Авлона во источна Атика со 108 милиметри, односни 108 литри на квадратен метар.
Во другите делови на Атина, според истите податоци, количината дожд е меѓу 15 и 35 литри на квадратен метар, во зависност од населбата.





