Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиески, на денешната седница на Советот објави дека започнува процесот на „целосна енергетска трансформација“ на средното образование во главниот град. Проектот предвидува инсталација на фотоволтаични системи во сите средни училишта.
„Секое средно училиште на територијата на градот ќе добие сопствен фотоволтаичен систем до крајот на мојот мандат“, порача Ѓорѓиески, најавувајќи дека мерката е дел од неговото изборно ветување.
Според него, ова претставува „сериозна економска мерка која ќе значи над 30 проценти намалување на трошоците за електрична енергија“.
Ѓорѓиески потсети дека сличен модел бил применет во основните училишта во Кисела Вода: „Токму овој модел успешно го воспоставивме во сите основни училишта во Кисела Вода, а сега го пренесуваме на ниво на цел град.“
Градоначалникот ја истакна и еколошката димензија на проектот, нагласувајќи дека „фотоволтаиците се најчистиот и најисплатлив извор на енергија“ и дека обезбедуваат „стабилност, намалување на зависноста од традиционални извори и одговорно управување со јавните средства“.
„Со оваа инвестиција создадаваме современи училишта кои произведуваат чиста енергија и ги учат младите на вистинските вредности, на одржливост, иновација и грижа за средината“, додаде тој.
Во завршниот дел од објавата, Ѓорѓиески подвлече дека „образованието е темелот на секој напреден град“ и ја поврза иницијативата со пошироката визија за развој на Скопје.







