Американскиот претседател Доналд Трамп поднесе тужба во суд во Флорида против британскиот радиодифузер Би-Би-Си, барајќи отштета до 10 милијарди долари поради клевета и кршење на закон за нефер трговски практики.
Трамп претходно го најави овој потег, а тужбата е поврзана со документарец на Би-Би-Си од 2024 година. Во него, извадоци од неговиот говор од 6 јануари 2021 година биле монтирани на начин што, според Трамп, создал впечаток дека тој директно ги повикал своите поддржувачи да упаднат во зградата на Капитол.
Во оригиналниот говор, Трамп го повтори тврдењето дека бил измамен на претседателските избори, а по завршувањето на говорот негови поддржувачи ја нападнаа зградата на Капитол.
Документарецот на Би-Би-Си беше емитуван кратко пред претседателските избори во САД во 2024 година, на кои Трамп ја победи демократската кандидатка Камала Харис. По реакциите и критиките од Трамп, Би-Би-Си се извини и призна дека е направена грешка, наведувајќи дека ненамерно бил создаден впечаток дека станува збор за еден единствен, континуиран говор.
Инцидентот беше посочен како причина за оставките на генералниот директор на Би-Би-Си, Тим Дејви, и раководителката на вестите, Дебора Тернес. Сепак, медиумската компанија соопшти дека не гледа основа за тужба за клевета против неа.
Поради својата улога во настаните поврзани со упадот во Капитол, Трамп во 2023 година беше обвинет за заговор за попречување на службен акт и за измама против Соединетите Американски Држави. По неговата изборна победа во 2024 година, Министерството за правда ги отфрли обвиненијата.
Со тужбата, Трамп бара милијардска отштета од Би-Би-Си поради, како што наведува, манипулативно монтирани клипови од неговиот говор од 6 јануари 2021 година.





