Американскиот производител на автомобили Форд најави радикално намалување на инвестициите во електрични возила и отпис на средства во износ од 19,5 милијарди долари, што претставува еден од најдраматичните примери на повлекување на автомобилската индустрија од програмите за возила на батерии.
Отписот, според компанијата, претставува признавање на губење на вредноста на инвестиции во електрични возила кои повеќе не се економски исплатливи.
Како дел од новата стратегија, Форд одлучи да ја укине производството на електричниот пикап F-150 Lightning, на електричниот камион T3, како и на електричните комерцијални комбиња. Истовремено е раскината и заедничката инвестиција за производство на батерии со јужнокорејската компанија SK On.
Наместо тоа, компанијата ќе се насочи кон развој на таканаречениот продолжен електричен хибрид (EREV), возило што користи бензински генератор за полнење на батеријата, како и кон поголем фокус на хибридни и бензински модели, пренесува Ројтерс.
Според новите цели на Форд, учеството на хибридите, EREV и електричните возила до 2030 година треба да достигне 50 проценти од глобалната продажба, што би било значително зголемување во однос на сегашните 17 проценти.
Промената на стратегијата доаѓа во услови на намалена побарувачка за електрични возила во САД, што делумно се поврзува со политиките на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, кои доведоа до намалување на субвенциите и олеснување на стандардите за емисии на издувни гасови.
Во ноември, по истекот на даночната олесница од 7.500 долари по електрично возило, продажбата на електрични автомобили во САД паднала за околу 40 проценти на годишно ниво.







