Холивудската ѕвезда Леонардо Ди Каприо изјави дека нема намера да се испроба во режија, нагласувајќи дека не чувствува потреба да застане зад камерата, ниту верува дека би можел да достигне ниво какво што има неговиот долгогодишен соработник, режисерот Мартин Скорсезе.
Ди Каприо за своите ставови зборуваше за време на разговор со Скорсезе на настанот TIME – A Year in TIME, одржан на 10 декември во Њујорк, пишува People, пренесува Index.hr.
„Некои луѓе ме прашаа дали сакам да режирам. Моjот одговор беше: никогаш не би сакал да режирам. Никогаш не би можел да направам нешто слично на она што го прави Мартин Скорсезе, па затоа и не гледам причина зошто би се обидувал“, изјави 51-годишниот актер.
Тој додаде дека, од друга страна, често посакувал за време на снимањето на одредени филмови да може повеќе да се повлече и да го набљудува целиот креативен процес зад камерата.
„Како актер се обидувате да навлезете што подлабоко во душата на ликот. Но понекогаш би сакал да бев повеќе набљудувач, да гледам што точно се случува зад камерата и како се создава филмот“, рече Ди Каприо.
Раното влијание на Скорсезе и Де Ниро
Ди Каприо истакна дека соработката со Мартин Скорсезе е нешто на кое е „најгорд“ во својот живот и кариера, а за тоа, како што вели, значајна улога имал и неговиот татко.
„Растев гледајќи филмови и сонувајќи да бидам актер. Татко ми ме однесе да ги гледам филмовите на Марти Скорсезе и Роберт Де Ниро и ми рече: ако постои некој со кого би сакал да работиш кога ќе имаш можност да снимаш филмови, тогаш тоа е овој господин. Така неговата работа ја запознав многу рано“, изјави актерот.
Ди Каприо и Скорсезе првпат соработуваа во „Бандите на Њујорк“ од 2002 година, по што следуваа успешни филмови како „Авијатичарот“, „Волкот од Вол Стрит“ и „Убијците на цветната месечина“.
Нивниот седми заеднички филм, „What Happens at Night“, адаптација на романот на Питер Камерон, во кој Ди Каприо ќе глуми заедно со Џенифер Лоренс, моментално е во фаза на подготовка.







