Само неколку дена пред Божиќ, холивудската ѕвезда Кевин Костнер се соочи со нова непријатност поврзана со неговиот амбициозен филмски проект „Horizon: Американска сага – Поглавје 2“. Компанијата Western Costume Leasing Company поднела тужба против актерот и продуцентскиот тим, обвинувајќи ги за кршење на договор и за неплатени трошоци за изнајмување костими, пренесуваат американските медиуми.
Според тужбата, станува збор за финансиски обврски кои, и покрај договорените рокови, не биле подмирени, што ја принудило компанијата да побара судска разрешница. Деталите за точниот износ не се целосно јавно обелоденети, но американските медиуми наведуваат дека станува збор за значителна сума поврзана со продукцијата на второто поглавје од филмската сага.
Ова е уште еден удар за Костнер, чиј проект „Horizon“ веќе подолго време е под лупа поради финансиските предизвици што го следат. Актерот и режисер вложи значителни лични средства во реализацијата на филмот, претставувајќи го како еден од најамбициозните вестерн-проекти во последните децении.
Засега, Кевин Костнер и неговиот тим јавно не се огласија во врска со тужбата, ниту пак е познато дали постои можност спорот да биде решен вонсудски.







