Водечки психијатри сè почесто укажуваат дека долготрајната употреба на AI чет-ботови базирани може да биде поврзана со случаи на психоза, објави Wall Street Journal, пренесува РТС.
Во изминатите девет месеци, истражувачи анализирале медицинска документација на неколку десетици пациенти кои развиле симптоми на психоза по интензивни и долготрајни разговори со системи за вештачка интелигенција.
„Технологијата можеби сама по себе не создава нереално согледување на реалноста, но кога луѓето му се доверуваат на компјутерот и му раскажуваат за својот живот, тоа за него е реалност. Системот ја прифаќа како вистина и потоа ја рефлектира назад, со што може да стане соучесник во создавање на заблуди“, изјави д-р Кит Саката, психијатар од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.
Саката наведе дека лекувал 12 хоспитализирани пациенти со психоза поврзана со употреба на вештачка интелигенција, како и уште три случаи во рамки на дневна болница.
Загрижувачки случаи и реакции од индустријата
Според Wall Street Journal, во последните месеци се појавиле десетици потенцијални случаи на лица кои развиле психотични состојби по долги интеракции со чет-ботови, меѓу кои и оние на OpenAI, како ChatGPT, како и други слични платформи. Весникот наведува дека во неколку случаи по овие состојби дошло и до самоубиства, а е забележан и најмалку еден случај на убиство.
Од OpenAI соопштија дека работат на унапредување на системите за препознавање на ментален и емоционален стрес кај корисниците. „Продолжуваме да ја подобруваме обуката на ChatGPT за да препознава знаци на вознемиреност, да го намалува интензитетот на разговорот и да ги насочува луѓето да побараат поддршка во реалниот свет“, изјави портпаролка на компанијата.
И други компании, меѓу кои и Character.AI, признаа дека нивните производи може да придонесат за појава на проблеми со менталното здравје кај одредени корисници.
Не е масовна појава, но загриженоста расте
Иако кај најголемиот дел од корисниците на чет-ботови не се забележуваат психички нарушувања, лекарите предупредуваат дека масовната употреба на ваквите технологии е доволна причина за сериозна загриженост.
Психијатрите потсетуваат дека технологијата и во минатото била поврзувана со човечки заблуди – на пример, верувањата дека телевизорите испраќаат персонални пораки. Но, разликата денес, како што велат, е во интерактивната природа на вештачката интелигенција.
„Овие системи симулираат човечки односи. Нешто вакво досега не е забележано во историјата на човештвото“, изјави проф. д-р Адријан Преда, професор по психијатрија на Универзитетот во Калифорнија, Ирвајн.
Стручњаците нагласуваат дека не може да се тврди оти чет-ботовите секогаш и нужно предизвикуваат психоза, но укажуваат дека научната заедница сè повеќе се приближува до утврдување на можно директно влијание. Понатамошните истражувања, според нив, ќе бидат клучни за утврдување дали вештачката интелигенција може да стане еден од факторите што влијаат врз менталното здравје.
Редакција Фронтлајн





