Легендарниот холивудски актер Ентони Хопкинс одбележа голема лична пресвртница – точно 50 години трезвеност. Само два дена пред својот 88. роденден, оскаровецот објави емотивно видео на Инстаграм во кое се наврати на моментот кога донел одлука да престане да пие и упати силна порака до сите кои се соочуваат со зависност.
„Еве нè, доаѓа уште една нова година. Многу радост, многу забава и сето тоа. Уживајте, навистина“, започнува Хопкинс. Потоа додава дека токму пред 50 години за малку ќе го загубел животот додека возел во алкохолизирана состојба, без целосна свест. „Тогаш сфатив дека се ‘забавував’ премногу. Тоа се викаше алкохолизам“, искрено вели актерот.
Во пораката до своите следбеници, Хопкинс апелира: „Ако некој има и најмал проблем со прекумерно пиење – проверете го тоа. Животот е многу подобар. Јас побарав помош и тоа беше крајот – пред точно 50 години.“
Видеото го завршува со оптимистичка и охрабрувачка порака: „Изберете живот, а не спротивното. Живот, живот, живот. За два дена полнам 88 години. Можеби сум направил нешто правилно“, вели низ насмевка, посакувајќи среќна Нова година и „среќен живот“.
View this post on Instagram
Долгиот пат до трезвеноста
Хопкинс со години отворено зборува за својата борба со алкохолизмот. Во мемоарите „We Did OK, Kid“, објавени во октомври, актерот се навраќа на клучниот момент кога имал 37 години, а лекарот му соопштил дека неговото физичко здравје одговара на човек од 50 или дури 65 години.
„Сеќавањата од тој период ми се магливи“, признава Хопкинс. „Нанесов многу болка. Никогаш не сфаќав дека сум алкохоличар. Порекнувањето е најголемиот убиец.“
Пресудниот момент, според неговите зборови, се случил една ноќ додека пијан возел низ Беверли Хилс и сфатил дека можел да усмрти некого. „Кога се освестив, ги погледнав еукалиптусовите дрвја и му заблагодарив на Бога што никој не загинал“, пишува тој. Во тој миг, како што вели, си го поставил прашањето дали сака да живее или да умре. Одговорот бил јасен – сака да живее.
По таа ноќ, Хопкинс побарал помош и се посветил на лекување. Денес, по половина век трезвеност, тој сè уште, како што наведува, редовно посетува состаноци во рамките на програмот од 12 чекори.







































































































