Украинската разузнавачка служба (Foreign Intelligence Service of Ukraine – FISU) предупреди дека Кремљ ја продолжува специјалната операција за попречување на мировните разговори посредувани од Соединетите Американски Држави, при што постои висок ризик од организирана провокација со човечки жртви во периодот од 6 до 7 јануари.
Во соопштение објавено од прес-службата на FISU, се наведува дека руските служби подготвуваат ескалација по наводниот „напад врз резиденцијата на Владимир Путин“, кој украинската страна го оценува како дел од поширока кампања за дезинформација, пренесува Укринформ.
„Операцијата има комплексен карактер. По таканаречениот ‘напад врз резиденцијата на Путин’, Кремљ шири нови фабрикувани информации со цел да ја подготви руската и меѓународната јавност за понатамошна ескалација“, се наведува во извештајот.
Според украинската разузнавачка служба, постои голема веројатност манипулативните операции да преминат во вооружена провокација организирана од руските специјални служби, со сериозни човечки загуби. Како можен период се посочува времето околу Божиќ според Јулијанскиот календар, а како потенцијални цели се наведуваат верски објекти или други локации со висока симболична вредност, како во Русија, така и на привремено окупираните територии на Украина.
FISU дополнително предупредува дека на местото на евентуалната провокација би можеле да бидат подметнати остатоци од борбени беспилотни летала од западно производство, со цел лажно да се прикаже вмешаност на Украина. Тие, како што се наведува, би биле донесени директно од линијата на борбените дејства.
„Користењето страв и извршувањето терористички акти под ‘туѓо знаме’ е целосно во согласност со начинот на работа на руските специјални служби. Овој модел веќе е користен внатре во Руската Федерација, а сега се извезува и надвор од нејзините граници“, се додава во соопштението.
Украинската служба потсетува дека на 29 декември Русија започнала широка информативна операција со цел да ги наруши договорите постигнати меѓу претседателите на Украина и САД, користејќи ја темата за наводниот „напад на Валдаи“ за заострување на преговарачката позиција и оправдување на идни напади врз Украина за време на новогодишните празници.
ЦИА: Украина не го таргетирала објектот на Путин во наводниот напад со дронови
Во меѓувреме, The Wall Street Journal објави дека американските служби за национална безбедност утврдиле дека резиденцијата на Путин не била цел на украинските дронови, што дополнително ги поткопува тврдењата на Кремљ.
Ј. Ѓ.











































































































