Истражните служби и натаму трагаат по можни жртви по катастрофалниот пожар што избувна во барот „Le Constellation“ во швајцарското скијалиште Кран-Монтана. Според досегашните официјални податоци, околу 40 лица го загубија животот, а најмалку 115 се повредени.
Би-Би-Си јавува дека на местото на несреќата се присутни форензички тимови.
Лекар од локалната болница изјави дека се лекуваат пациенти со тешки, третостепени изгореници, меѓу кои има и деца на возраст од само 15 години. Здравствените и полициските власти предупредуваат дека идентификацијата на сите жртви може да трае со денови, па дури и недели, поради сериозноста на повредите.
Причината за пожарот сè уште не е утврдена. Очевидци, сепак, сведочат за исклучително брзо ширење на пламенот и за целосен хаос што настанал во првите моменти. Некои од нив опишуваат сцени на паника, обиди за бегство и луѓе кои останале заробени во објектот.
Официјалните лица одбија да коментираат за шпекулациите дека свеќи, петарди или ракети можеби се причините за пожарот.
Предупредија дека процесот на идентификација може да трае со денови или дури недели. Познато е дека неколку француски и италијански државјани се меѓу исчезнатите.
– Сè уште не знаеме дали се во прашање безбедносните стандарди. Како одговор на извештаите за тесно скалиште, истакна државната обвинителка Беатрис Пилу. „Не знам колку е тесно скалиштето или не; истрагата ќе утврди дали биле почитувани безбедносните стандарди… Ќе ги опфати и излезите за итни случаи“.
Медицинска помош пристигнува и од соседните држави.
Швајцарскиот претседател Ги Пармелен трагедијата ја оцени како „една од најтешките што земјата ги доживеала“, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите и поддршка за повредените.
Истрагата продолжува, а јавноста се очекува да биде информирана со дополнителни официјални детали.
Ј. Ѓ.





