Македонскиот композитор и аранжер Џијан Емин е автор на оркестрациите и аранжманите за спектакуларното новогодишно празнично шоу „Carols by Candlelight“, кое се одржа во Експо Сити Дубаи, под куполата на Ал Васл Плаза.
Настанот, кој е дел од официјалната празнична програма на Експо Сити, се одржа на 20 декември 2024 година, со вкупно десет распродадени концерти што започнуваа во 18:30 часот. Публиката од различни возрасни групи имаше можност да ужива во музичко-сценски спектакл со силен празничен и визуелен идентитет.
Под уникатната купола на Ал Васл Плаза, посетителите беа опкружени со 360-степени божиќни проекции, сценски ефекти и внимателно осмислена визуелна нарација. Програмата вклучуваше празнично пеење, танцови точки и сценски настапи, меѓу кои и појави на Дедо Мраз и Госпоѓа Клаус, што дополнително ја засили празничната атмосфера.
На сцената настапи Симфонискиот оркестар Фирдаус од Дубаи, под диригентство на Харут Фазлиан, заедно со вокални солисти, детски и училишни хорови, танчерска група и ансамбл од музичари. Репертоарот опфати интерпретации на познати празнични и новогодишни композиции, обликувани во симфониски аранжмани.
Аранжманите и оркестрациите за концертот ги потпишува Џијан Емин, чиј авторски пристап, според организаторите, ѝ даде нова звучна димензија и симфониска длабочина на традиционалната празнична музика.
„Оваа соработка со Експо Сити Дубаи не е прва. Пред две години работев на истиот проект, кој тогаш беше снимен со оркестар составен од македонски музичари. Оваа година целиот настан се одвиваше во живо, со голем симфониски оркестар“, изјави Емин, посочувајќи дека проектот е дел од неговата долгогодишна соработка со продуцентот Мет Феди, кој живее и работи во Дубаи.
Мет Феди има богато меѓународно искуство и во својата кариера соработувал со уметници од светски ранг, меѓу кои Ени Ленокс, Стинг и Суперграс, што, според организаторите, му дава дополнителна уметничка и продукциска тежина на проектот „Carols by Candlelight“.
Со третото издание на овој настан, Експо Сити Дубаи ја потврди својата позиција како платформа за врвни културни и мултимедијални продукции, додека учеството на Џијан Емин се оценува како значаен меѓународен успех и афирмација на македонската музичка сцена.







































































































