Во Русија на Владимир Путин, каде ЛГБТ+ идентитетот е третиран како „екстремизам“, дури и гледањето серија може да стане чин на отпор. Токму тоа го опишува рускиот писател и новинар Михаил Зигар во текст објавен во Vanity Fair, посветен на неочекуваната популарност на серијата „Heated Rivalry“ меѓу руската публика.
Иако серијата не е официјално достапна во Русија и би можела да се смета за „забранета содржина“, таа бележи исклучително висок рејтинг на Kinopoisk – рускиот еквивалент на Rotten Tomatoes. Парадоксот, пишува Зигар, зборува сам за себе: во општество каде државата агресивно ја брише видливоста на ЛГБТ+ луѓето, приказна за љубов меѓу двајца хокеари станува форма на препознавање и надеж.
Клучен лик за руската публика е рускиот хокеар Иља Розанов – затворен, исплашен и постојано на работ меѓу јавниот успех и личното сокривање. Авторот отворено признава дека во ликот го препознава сопствениот живот во Русија, израснат во култура каде „да се биде маж“ значи да се молчи и да се прикриваш.
Зигар потсетува дека по 2013 година, со законите против т.н. „ЛГБТ+ пропаганда“, а особено по инвазијата врз Украина во 2022, репресијата станала системска. ЛГБТ+ идентитетот сега се третира како закана за државата, а самото постоење – како идеолошки престап.
Затоа, заклучува авторот, гледањето на „Heated Rivalry“ за многумина Руси не е забава, туку тивок чин на човечка одбрана: доказ дека и под притисокот на стравот, потребата да се видиш себеси не може целосно да се забрани.
Редакција Фронтлајн







