Данска и Гренланд потврдија дека и понатаму постои „фундаментално несогласување“ со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп околу иднината на Гренланд, по средбата со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио во Вашингтон, јавува Си-Ен-Ен.
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека разговорите биле „отворени, но и конструктивни“, но дека позициите остануваат различни. Тој посочи дека е договорено формирање работна група на високо ниво која во наредните недели ќе се обиде да најде „заеднички пат напред“, при што ќе се земат предвид безбедносните грижи на САД, но и „црвените линии“ на Кралството Данска.
„Идеи што не го почитуваат територијалниот интегритет на Данска и правото на самоопределување на гренландскиот народ се целосно неприфатливи“, нагласи Расмусен, додавајќи дека Копенхаген смета оти долгорочната безбедност на Гренланд може да се обезбеди во рамките на постојниот уставен аранжман.
Тензиите се засилија откако претседателот Трамп изјави дека „ништо помалку“ од американска контрола врз Гренланд е „неприфатливо“, што предизвика силни реакции кај данските и гренландските власти.
Во меѓувреме, европските сојузници ја зголемуваат својата воена присутност во регионот. Шведска испрати неопределен број војници во Гренланд на барање на Данска, како дел од подготовките за вежбата „Operation Arctic Endurance“. Германското Министерство за одбрана, пак, најави дека 13 припадници на Бундесверот ќе пристигнат во Гренланд на извидувачка мисија од 15 до 17 јануари, со цел проценка на можни идни безбедносни придонеси.
Данското Министерство за одбрана соопшти дека ја зголемува воената присутност на островот поради „безбедносни тензии“, додека Германија, Шведска и Норвешка се приклучуваат на напорите за поддршка на Данска, во услови на зголемен геополитички притисок околу арктичкиот регион.





