Опозициската СДСМ обвини дека актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ дозволила целосен колапс на институциите и сообраќајната инфраструктура поради, како што велат, неспособност и криминално управување со јавните ресурси.
„Криминалната ВМРО ја изненади снег во јануари. Институциите не функционираат, патиштата и улиците не се исчистени, а фотографиите од колапсот во Скопје и низ цела Македонија покажуваат дека сообраќајот е небезбеден“, соопштија од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека граѓаните се оставени сами во услови на зимски временски непогоди, додека, како што тврдат, градоначалниците и функционерите од ВМРО-ДПМНЕ профитираат од состојбата.
„Граѓаните се оставени сами, а градоначалниците и функционерите од ВМРО тријат раце. Тендерите за чистење снег се едни од омилените на ВМРО“, се наведува во соопштението.
Според СДСМ, снежните наноси по патиштата се претвораат во, како што велат, „идила за градоначалниците од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“, кои, според нивните обвинувања, уште денес ќе фактурираат илјадници тони сол.
„Тешко е солта да се преброи, па останува да се бројат парите кои се украдени од граѓаните“, обвинуваат од СДСМ.
Во соопштението се наведува и дека државата нема средства за плати, пензии и соодветна опрема за чистење снег, но дека, како што тврдат, пари има само за тендери за блиски фирми.
„Нема пари за плати, нема пари за пензии, нема пари за опрема за чистење, но има пари за тендери за ортаците на ВМРО и Мицкоски“, наведуваат од опозициската партија.
СДСМ оценува дека со вакви политики Македонија се движи кон целосна блокада.
„Со криминални политики вака ќе изгледа иднината на Македонија – блокирана од сите, црна точка во Европа“, порачуваат од СДСМ.







