Главниот град на Финска, Хелсинки, упати јавна покана до канадско-американската холивудска ѕвезда Памела Андерсон (58) да ја посети земјата и симболично да го преземе финското презиме на својот дедо – Хијтијајнен. Поканата следува откако Андерсон во неколку јавни настапи зборуваше за своите фински корени и блиската врска со дедо ѝ Херман, кој бил Финец.
Андерсон кон крајот на минатата година, во интервју за скандинавското издание на магазинот Vogue, зборуваше за значењето на односот со својот дедо, истакнувајќи дека финскиот јазик што го зборувале заедно за неа бил „магичен јазик“, кој како дете верувала дека никој друг не го разбира. „Тој ми беше најблиската личност во животот“, изјави Андерсон.
Финската јавна радио-телевизија YLE пренесе дека градот Хелсинки ја упатил поканата преку хумористичен игран видео-прилог, кој брзо предизвика големо внимание и реакции на социјалните мрежи. Кампањата, насловена „Акција: Да ја направиме Памела Хијтијајнен“, е дел од поширока маркетиншка стратегија за промоција на Хелсинки како туристичка и инвестициска дестинација.
Како дел од иницијативата, изработен е и туристички водич со наслов „24 часа во Хелсинки како Памела Хијтијајнен“. За кампањата, градот и неговите партнери издвоиле околу 110.000 евра, од кои 60.000 за продукција на видеото, во кое глуми познат фински актер, и 50.000 евра за маркетинг и активности на социјалните мрежи. Според YLE, видеото во првите денови било прегледано од повеќе од половина милион луѓе и предизвикало интерес и надвор од Финска.
Иако Хелсинки е во фокусот на кампањата, финските корени на Памела Андерсон всушност потекнуваат од Сааријарви, мало место со помалку од 9.000 жители во централна Финска, на околу 350 километри северно од главниот град.













































































































