ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home СВЕТ

Што знаеме досега за убиството во Минесота од страна на ICE – што тврди администрацијата на Трамп, а што покажуваат снимките

January 25, 2026 06:01
in ZOOM IN, АНАЛИЗИ, ДЕНЕС, СВЕТ
Скриншот, видео Х

Скриншот, видео Х

Share on FacebookShare on Twitter

Федерални агенти на американската имиграциска служба ICE вчера усмртија маж во Минеаполис за време на интервенција. Станува збор за втор смртоносен инцидент во кој во период пократок од три недели се вклучени агенти на имиграциската служба, што дополнително ги разгоре тензиите во градот, кој со недели е сцена на протести, поради инцидентите предизвикани од агентите на ICE кои претходно ja усмртија и американската државјанка Рене Гуд.

Мажот бил застрелан со огнено оружје во јужниот дел на Минеаполис, на крстосницата на West 26th Street и Nicollet Avenue. Подоцна било потврдено дека починал од здобиените повреди.

Полицијата соопшти дека убиениот е 37-годишен американски државјанин.

Во официјалните извештаи, агентите на ICE тврдат дека лицето било вооружено со пиштол, по што тие отвориле оган, тврдејќи дека дејствувале „во самоодбрана“.

Снимките што кружат од присутни граѓани што го снимиле инцидентот, не покажуваат таква ситуација.

Од снимките, пак се гледа дека убиениот маж, 37-годишен жител на Миннеаполис, ги снимал федералните имиграциски агенти на сред улица. Потоа се придвижува кон тротоарот и се обидува да им помогне на двајца случајни минувачи. Додека го прави тоа, еден агент го прска со бибер-спреј. Потоа му се нафрлаат повеќе агенти, при што бил испукан еден куршум. Агенти се повлекуваат, по што еден од нив испукува повеќе истрели кон мажот, кој подоцна починал во болница.

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Вознемирувачки видеа од чинот на убиството од два спротивни агли

Another angle of federal agents killing a Minnesota legal observer, which appears to come from the direction of the woman in pink filming from the sidewalk.

Obtained by Drop Site News pic.twitter.com/IT56ftPkYP

— Drop Site (@DropSiteNews) January 24, 2026

ICE agents shot and killed another person in Minneapolis this morning.

Get ICE out of Minnesota NOW.https://t.co/FLnqgULUWL

— Democrats (@TheDemocrats) January 24, 2026

Убиениот е идентификуван како Алекс Прети, 37-годишен медицински техничар

Мажот кој беше убиен од федерални агенти во Миннеаполис е идентификуван како Алекс Прети, 37-годишен медицински техничар вработен на оддел за интензивна нега во рамки на здравствениот систем на болницата VA, изјавија неговите родители за Асошиејтед прес.

Алекс Прети, приватна фотографија

Прети студирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Минесота, каде што од 2012 година работел и како помлад научен соработник и учествувал во научни истражувања.

„Сакаше да им помага на луѓето“

Димитри Дреконја, раководител на Одделот за заразни болести во болницата VA и професор на Универзитетот во Минесота, кој со Прети соработувал и во болницата и на истражувачки проект, го опиша како извонреден медицински техничар и вреден работник, секогаш подготвен за шега и со заразен дух.

„Сакаше да им помага на луѓето. Беше исклучително љубезен и услужлив човек – се грижеше за своите пациенти. Искрено сум шокиран“, рече Дреконја. „Беше навистина добар човек. Навистина уживав да работам со него.“

Неговите зборови ги потврди и колега кој со Прети работел на Универзитетот во Минесота, објавувајќи емотивна порака на социјалните мрежи.

„Алекс Прети беше колега во VA. Го вработивме за да ни помогне со регрутација за нашето истражување. Подоцна премина на интензивна нега – обожавав да работам со него. Беше добар и благ човек кој живееше за да помага, а овие *** го погубија“, напиша тој, додавајќи дека често разговарале како еден ден заедно би оделе на возење со планински велосипед.

Таткото: Беше вознемирен од акциите на ICE

Мајкл Прети, таткото на Алекс, ја потврди оценката на Дреконја. Како што пренесува Index.hr, таткото во изјава за Асошиејтед прес го опиша својот син како личност која „длабоко се грижела за луѓето“ и додаде дека бил вознемирен од случувањата во Минеаполис и низ САД „поврзани со ICE, како што се вознемирени милиони други луѓе“.

Тој потврди дека Алекс учествувал на протести откако службеници на американската Имиграциска и царинска служба (ICE) претходно овој месец ја убија Рене Гуд.

„Сметаше дека протестирањето е начин да ја изрази својата грижа за другите“, изјави постариот Прети.

Алекс Прети со телефонот во рака за време на протестот и агент на ICE

Шефот на градската полиција: Снимката зборува сама за себе

Началникот на полицијата во Миннеаполис, Брајан О’Хара, на прес-конференција изјави дека, според неговите сознанија, единствениот претходен контакт на Прети со полицијата бил поврзан со сообраќајни прекршоци, пренесе Скај њуз.

На прашање за тврдењата на Министерството за внатрешна безбедност (DHS) во врска со пукањето во кое беше убиен Алекс Прети, началникот на полицијата на Миннеаполис Брајан О’Хара изјави дека „снимката зборува сама за себе“.

DHS соопшти дека убиениот маж бил вооружен и дека агентите се обиделе да го разоружаат пред да испукаат истрели во самоодбрана.

О’Хара нагласи дека се верува оти убиениот маж бил законски сопственик на оружјето и дека поседувал дозвола за негово носење. „Единствениот негов претходен контакт со полицијата, за кој знаеме, се однесуваше на сообраќајни казни“, изјави О’Хара.

О’Хара во изјава за Си-Ен-Ен изјави дека федералните службеници се обиделе да ја спречат локалната полиција да пристапи до местото на пукањето, Тој додаде дека ѝ наредил на локалната полиција да остане на местото на настанот, со цел, согласно стандардниот протокол, да се зачуваат доказите.

Гувернерот Валц: Се случува федерална окупација на Минесота

Гувернерот на Минесота, Тим Валц, одржа прес-конференција на која го осуди она што го нарече „федерална окупација на Минесота“ поради присуството и дејствувањето на федерални агенти поврзани со имиграциските операции.

Валц ја опиша операцијата на ICE како „кампања на организирана бруталност“ и оцени дека снимките од смртното пукање се „мучни“. Тој предупреди дека постои голем потенцијал за дополнително распламтување на напнатоста, но истакна дека жителите на Минесота сакаат „смиреност, мир и враќање на нормалноста“.

„Тие сакаат каос. Ние не можеме и нема да им го дадеме тоа со одговор на насилство со насилство“, рече Валц.

Гувернерот исто така потврди дека ја известил Белата куќа дека државата ќе ја води истрагата за пукањето.

Тој го повика Доналд Трамп да ги повлече агентите на ICE од Минесота, тврдејќи дека тие „сеaт хаос и насилство“ во заедницата.

Министерството за внатрешна безбедност: Агентите пукале во самоодбрана

Американското Министерство за внатрешна безбедност (DHS) ја објави својата верзија за пукањето во Миннеаполис во кое федерални агенти од ICE го усмртија мажот, тврдејќи дека тој имал намера да изведе напад врз припадници на полицијата.

Според соопштението на DHS, мажот околу 9:05 часот се приближил до агентите на граничната полиција додека тие спроведувале операција против лице што го опишале како „илегален мигрант“. Посочено е дека мажот бил вооружен со полуавтоматски пиштол од калибар 9 мм.

Министерството објави и фотографија од оружјето на социјалната мрежа X.

At 9:05 AM CT, as DHS law enforcement officers were conducting a targeted operation in Minneapolis against an illegal alien wanted for violent assault, an individual approached US Border Patrol officers with a 9 mm semi-automatic handgun, seen here.

The officers attempted to… pic.twitter.com/5Y50mYONGH

— Homeland Security (@DHSgov) January 24, 2026

Од DHS тврдат дека агентите се обиделе да го разоружаат мажот, но дека тој „насилно им се спротивставил“.

„Во страв за својот живот и за животите и безбедноста на колегите, агентот испукал одбранбени истрели. Медицинскиот тим на местото на настанот веднаш му пружил помош, но мажот бил прогласен за мртов на самото место“, стои во соопштението.

Министерството наведува дека кај мажот имало два полни магазини со муниција и дека тој немал идентификациски документи.

Во соопштението се додава дека сите околности укажуваат дека мажот имал намера да предизвика што поголеми последици.

„Ова личи на ситуација во која поединецот сакал да нанесе максимална штета и да изврши масакр врз припадници на полицијата“, се наведува во изјавата на Министерството за внатрешна безбедност.

Според DHS, по пукањето на местото на настанот пристигнале околу 200 демонстранти кои Министерството ги опишува како „изгредници“. Поради тоа, како што се наведува, биле воведени мерки за контрола на собирањето и обезбедување на областа.

Шефот на Граничната патрола: Федералните агенти со недели се изложени на постојани напади

Командантот на Граничната патрола Грег Бовино, од друга страна, се обрати на прес-конференција, на која изјави дека федералните агенти во Минеаполис со недели биле изложени на „постојани напади“.

Тој наведе дека агентите спроведувале целна операција против илегален мигрант со криминално досие кое вклучувало семејно насилство со намера за нанесување телесна повреда, нарушување на јавниот ред и мир, како и управување возило без важечка возачка дозвола.

Бовино прочита изјава слична на онаа што претходно ја објави Министерството за внатрешна безбедност, тврдејќи дека мажот кој бил застрелан сакал да нанесе „максимална штета и да изврши масакр врз припадници на силите на редот“.

Тој додаде дека службеникот кој учествувал во инцидентот бил „високо обучен“ и дека осум години служел како агент на Граничната патрола.

Трамп објави фотографија од пиштол – тврди дека бил на убиениот Алекс Прети

Претседателот на САД, Доналд Трамп на социјалната мрежа Truth Social објави фотографија која наводно го претставува пиштолот на убиениот Алекс Прети.

„Ова е пиштолот на напаѓачот, наполнет, со уште два полни магазини, и спремен за употреба – за што всушност се работи тука? Каде е локалната полиција? Зошто не им било дозволено да ги заштитат службениците на ICE? Дали градоначалникот и гувернерот ги повлекле?“, пишува Трамп.

Тој тврди дека на многу полицајци не им било дозволено да си ја вршат работата и дека ICE морале сами да се штитат – што, според него, не било воопшто лесно! Тој поставува прашања зошто Илхан Омар има 34 милиони долари на сметка, и каде се десетици милијарди долари кои, според него, биле украдени од некогаш големата сојузна држава Минесота?

„Таму сме поради огромна финансиска измама, со милијарди долари кои недостасуваат, и со илегални криминалци на кои им е дозволено да се инфилтрираат во сојузната држава преку политиката на отворени граници на демократите. Сакам тие пари да ни се вратат и сакам да ни се вратат ВЕДНАШ“, напиша Трамп.

Тој додаде:

„Градоначалникот и гувернерот отворено поттикнуваат побуна со својата помпезна, опасна реторика! Тие политички самозадоволни будали треба да ги бараат милијардите долари украдени од граѓаните на Минесота и Соединетите Држави.“

Трамп потоа повика:

„ОСТАВЕТЕ ГИ НАШИТЕ ДОМОЉУБНИ АГЕНТИ НА ICE ДА СИ ЈА РАБОТАТ РАБОТАТА! Во Минесота се уапсени и отстранети 12.000 илегални криминалци, многумина од нив насилни. Ако сè уште би биле таму, би гледале нешто многу полошо од она што го гледате денес“, напиша Трамп.

Министерката Ноем: Убиениот имал намера да ги убие припадниците на безбедносните сили

Министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем ја повтори поддршката на администрацијата на Доналд Трамп за агентот кој го уби Прети. Таа одговорноста ја префрли врз Алекс Прети, наведувајќи дека се однесувал насилно пред да биде убиен.

„Поединецот им се приближил на службениците на американската Гранична патрола со полуавтоматски пиштол од калибар 9 мм. Службениците се обиделе да го разоружаат, но вооружениот осомничен реагирал насилно. Во страв за сопствениот живот и животите на своите колеги, еден од агентите испукал одбранбени истрели“, изјави Ноем на прес-конференција во седиштето на ФЕМА.

Таа додаде дека Прети бил прогласен за мртов на местото на настанот и наведе дека кај себе имал два рамки со повеќе десетици парчиња муниција, како и дека не поседувал идентификациски документи.

„Се чини дека станува збор за ситуација во која поединецот дошол на местото со намера да нанесе максимална штета и да убие припадници на безбедносните сили“, заклучи Ноем.

Советникот на Трамп го нарече убиениот граѓанин на САД „убиец“

Стивен Милер, советник на Доналд Трамп, Алексa Прети — кого го уби федералниот имиграциски агент — го нарече „убиец“ на социјалните мрежи. Милер тврдеше дека Прети бил „убиец со намера“ што се обидел да ги убие федералните службеници, и дека „официјалниот демократски акаунт застанал на страната на терористите“ во врска со инцидентот, иако ова тврдење е оспорено од јавните видео-снимки и од факти што не го покажуваат тоа што тој го претпоставуваше.

A would-be assassin tried to murder federal law enforcement and the official Democrat account sides with the terrorists. https://t.co/UCFCE5p5J1

— Stephen Miller (@StephenM) January 24, 2026

Милер ја сподели својата порака на X (поранешен Twitter), тврдејќи дека Прети сакаше „да убие федерални службеници“, и дека таквата интерпретација ја поддржал демократски акаунт со коментари што ги критикуваше федералните агенти.

Агентите кои го убија Алекс исчезнаа, полицијата не знае каде се

Шефот на Бирото за криминалистички истраги на Минесота (BCA) изјави дека локацијата на федералните агенти вклучени во пукањето во Минеаполис во моментов е непозната.

Надзорникот на BCA, Дру Евaнс, на прес-конференција изјави дека сè уште не се знае каде се наоѓаат федералните агенти кои учествувале во неодамнешната смртоносна пукање во Минеаполис.

Еванс појасни дека, иако неговата служба традиционално води или координира повеќе од 80 проценти од истрагите за пукања во кои се вклучени припадници на безбедносните служби, во последно време не постојат јасни протоколи за случаи во кои се вклучени федерални агенти.

Тој призна дека истрагата се соочува со сериозни пречки и дека останува неизвесно како ќе се одвива понатамошниот истражен процес.

Очевидец на пукањето: Убиениот не посегнал по оружје

Очевидец на смртоносното пукање во Минеаполис тврди дека Алекс Прети, кој беше убиен од федерален агент, не посегнал по оружје, што е во спротивност со официјалната верзија на настаните.

Нилсон Барахона, очевидец кој се наоѓал во продавница за крофни пред која федерален агент утринава го застрелал Алекс Прети, даде интервју за Си-Ен-Ен. Видно потресен, Барахона раскажа дека ги видел федералните имиграциски агенти како се обидуваат да приведат маж, кој потоа влегол во деловниот објект и се заклучил внатре, пренесува Си-Ен-Ен.

Според неговите зборови, службениците влечеле жена која протестирала против нивната акција, а Прети, како што подоцна се покажало, ѝ притрчал на помош. Во тој момент службениците се свртеле кон него, што довело до судир кој завршил со пукање.

Барахона за Си-Ен-Ен изјави дека не го видел Прети ниту како држи пиштол, ниту како посегнува по него, што е спротивно на тврдењата на федералната влада. Според наводите на локалните власти, Прети имал дозвола за легално поседување и носење оружје во Миннеаполис.

Фактите, очевидците и видео снимките или Трамп и неговите федерални агенти и администрација?

Случајот со убиството на Алекс Прети ја оголува длабоката пукнатина меѓу она што го покажуваат фактите и видеоснимките и она што го тврдат федералните агенти на Трамп, и неговата администрација. Додека јавноста гледа човек кој снима, помага и е нападнат без видлива закана, кон федералните агенти, Трамп и неговата администрација скриена позади официјалниот наратив, инсистира на „самоодбрана“, „масакр што бил спречен“ и „терористичка намера“. Во таа празнина меѓу камерата и соопштението, меѓу сведокот и федералната верзија, довербата во институциите се распаѓа. И токму затоа, ова повеќе не е само случај на спорна полициска интервенција, туку тест за тоа дали вистината ќе ја утврдат доказите – или ќе ја диктира политичката моќ која раѓа нешто многу опасно.

Ј. Ѓорѓиоски

Tags: ICEАлекс ПретиМинесотаТрампубиство
EVN

НАЈНОВО

Скриншот, видео Х

Што знаеме досега за убиството во Минесота од страна на ICE – што тврди администрацијата на Трамп, а што покажуваат снимките

January 25, 2026

Видео од новото убиство на агентите на ICE во Минеаполис: убиен 37-годишен човек, локалните власти бараат повлекување на ICE

January 24, 2026

Масовен руски ракетен и дронски напад на Кијив и Харкив, милиони Украинци без струја и греење

January 24, 2026

НАЈЧИТАНО

  • Анаис, хороскоп, мотиви Охрид

    Викенд хороскоп со Анаис – 24 и 25 јануари

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Што носат првите трилатерални разговори за Украина во Абу Даби: Москва инсистира на „Формулата од Анкореџ“

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Зошто куќите во Гренланд се обоени во различни бои

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Балканот и „Одборот за мир“ на Трамп: Кој е поканет, кој прифати, кој одби – и зошто Македонија ја нема во „периметарот“ на САД

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Должен како Грк, сиромав како Македонец

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk