Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата соопшти дека е постигнат одреден напредок во разговорите меѓу украинските, руските и американските преговарачи во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, иако конечен договор за мир сè уште не е на повидок.
Разговорите се одржаа во момент кога Русија ја изврши својата најголема ноќна воздушна офанзива врз Украина од почетокот на годината.
Иако дводневната средба, одржана во петокот и саботата, не донесе пробив, сите страни изразија надеж дека процесот може да продолжи, пишува Си-Ен-Ен.
„Се разговараше за многу работи и важно е што разговорите беа конструктивни. Централниот фокус беше на можните параметри за завршување на војната“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Први трилатерални разговори од почетокот на војната
Овие разговори се први директни трилатерални средби меѓу претставници на Украина, Русија и САД од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Според американски официјален претставник, средбата претставува значаен чекор напред по повеќемесечна тивка дипломатија.
Тој нагласил дека иако финален договор не е загарантиран, ваков напредок не би бил можен без директна средба лице в лице.
Најавени нови средби
Зеленски изјави дека Украина е подготвена за продолжување на процесот.
„Доколку постои подготвеност за напредок – а Украина е подготвена – ќе следуваат нови средби, можеби уште следната недела“, рече тој.
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, разговорите ги оцени како „многу конструктивни“ и потврди дека е договорено тие да продолжат.
„Претседателот Трамп и целиот негов тим се посветени на носење мир во оваа војна“, изјави Виткоф.
Американски официјални лица потврдија дека следната рунда разговори ќе започне на 1 февруари во Абу Даби.
Документот за безбедносни гаранции е „100% подготвен“
Во неделата, Зеленски соопшти дека документот со безбедносни гаранции што Украина ги бара – клучно прашање за поствоената стабилност на земјата – е целосно подготвен.
„За нас, безбедносните гаранции првенствено значат билатерални безбедносни гаранции со САД. Документот е 100% подготвен. Очекуваме нашите партнери да бидат подготвени со датум и место за негово потпишување“, изјави Зеленски на прес-конференција во Литванија.
Тој додаде дека договорот ќе мора да биде ратификуван и од американскиот Конгрес и од украинскиот парламент.
Територијата и натаму најголемата пречка
И покрај напредокот, прашањето за територијата останува најспорно. Русија инсистира Украина да се повлече од источниот регион Донбас, кој ги опфаќа Доњецк и Луганск.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред разговорите изјави дека повлекувањето на украинските сили од Донбас е „клучен услов“ за Москва.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков по разговорите изјави дека Москва сака план што „целосно ќе одговара на фундаменталните договори“ постигнати меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп на нивниот самит во Алјаска минатата година. Тој договор предвидувал Украина да ги отстапи преостанатите делови од Доњецк и Луганск во замена за прекин на огнот.
Украина, меѓутоа, доследно ја отфрла можноста за територијални отстапки како услов за мир.
Напади паралелно со разговорите
Во меѓувреме, Русија продолжи со нападите врз Украина. За време на разговорите во Абу Даби беа извршени масовни ракетни и дронски напади врз Кијив и Харкив.
Во Кијив загина најмалку едно лице, а четири беа повредени. Паднати остатоци предизвикале пожари и оштетувања, а околу 6.000 станбени згради останале без греење во услови на силен зимски студ.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха го обвини Путин дека „цинично“ наредил „варварски напад“ додека траел дипломатскиот процес.
„Секој ваков руски напад врз нашата енергетска инфраструктура покажува дека не смее да има одложување во испораката на противвоздушна одбрана“, порача Зеленски.
Тој додаде дека Украина се бори за својата територија и дека не води војна на туѓа земја.
„Ние се бориме за нашата држава – за она што е наше. Не се бориме на туѓа територија. Какви прашања може да има за нас?“, рече Зеленски.
Зеленски призна дека наоѓањето заедничка основа меѓу „две фундаментално различни позиции“ ќе бара компромис.
„Ова се првите чекори кон наоѓање таков компромис. Но, за компромис сите страни мора да бидат подготвени да направат компромис – вклучително и американската страна“, заклучи тој.







