Корисници на платформата TikTok во САД изминативе денови пријавуваат дека не можеле да објават видеа поврзани со акциите на ICE (Службата за имиграција и царина), што предизвика сомнежи за можна цензура. Компанијата, пак, тврди дека станува збор за технички проблеми, а не за намерно ограничување на содржината.
Контроверзијата се појави по смртта на Алекс Прети, кој беше смртно застрелан од федерални агенти во Минеаполис. Комичарката Меган Сталтер, која има стотици илјади следбеници на социјалните мрежи, изјави дека неколкупати се обидела да објави видео на TikTok во кое ги повикува христијаните да се спротивстават на рациите на ICE, но безуспешно.
„Мораме да го укинеме ICE. Навистина верувам дека тоа е токму она што Исус би го направил“, вели Сталтер во видеото, кое на Инстаграм било споделено повеќе од 12.000 пати, но никогаш не се појавило на TikTok. Таа подоцна соопшти дека целосно го избришала својот профил, верувајќи дека содржината ѝ била цензурирана, пренесува Си-Ен-Ен.
Слични искуства пријавиле и други корисници, што ја привлече и реакцијата на американскиот сенатор Крис Марфи, кој изјави дека наводната цензура на TikTok е „меѓу најсериозните закани за демократијата“.
Од TikTok соопштија дека проблемите се резултат на прекин на електрична енергија во американски дата-центар, поради што доцнело прикачувањето и препораката на видеата. „Техничките проблеми се во тек и не се поврзани со настаните од минатата недела“, наведуваат од компанијата.
Контекстот дополнително ја зголемува недовербата кај дел од корисниците, бидејќи минатата недела контролата врз TikTok во САД ја презеде ново заедничко претпријатие со мнозинска американска сопственост, по договор инициран од администрацијата на Доналд Трамп, согласно закон од 2024 година. Меѓу инвеститорите е и компанијата Oracle, која ќе ги чува податоците на американските корисници.
Професорката по етика на технологијата Кејси Фислер од Универзитетот во Колорадо вели дека и без цврсти докази за цензура, перцепцијата е проблематична. „Нема многу доверба во раководствата на социјалните мрежи воопшто. Со оглед на поврзаноста на новото сопствеништво со администрацијата на Трамп и случувањата околу ICE, не е изненадување што корисниците се скептични“, изјави таа.
Според податоци на компанијата SensorTower, бројот на деинсталации на TikTok во САД е зголемен за околу 150 проценти во последните пет дена, во споредба со просекот од претходните три месеци.
Експертите посочуваат дека како приватна платформа, TikTok има законско право да одлучува каква содржина ќе дозволи, но истовремено предупредуваат дека нетранспарентноста на алгоритмите и техничките проблеми можат сериозно да ја нарушат довербата на јавноста.
Редакција Фронтлајн





