Актерката Еванџелин Лили откри детали за процесот на закрепнување по трауматската повреда на мозокот што ја претрпе по несреќа минатата година.
Во видео објавено на Инстаграм, 46-годишната актерка изјави дека во моментов работи на „обнова на здравјето на мозокот“, по серија медицински прегледи и стручни консултации.
„Потрошив многу пари за детални испитувања и за насочени, експертски совети како да го лекувам мозокот. Свесна сум дека не секој може да си го дозволи ова“, истакна Лили, додавајќи дека советите што ги споделува се персонализирани и не треба да се сфатат како универзално решение.
Актерката нагласи дека не е лекар и дека нејзиното искуство не претставува медицинска препорака, туку личен увид во процесот низ кој поминува, особено во услови кога, како што рече, пристапот до достапна здравствена грижа не е секогаш лесен.
Лили во видеото наведе дека следи план со додатоци во исхраната, со цел да ги надомести моменталните дефицити во функционирањето на мозокот, но притоа јасно подвлече дека станува збор за индивидуален пристап изготвен од стручни лица.
Несреќата се случила во мај 2025 година, кога Лили се онесвестила на карпест брег и паднала со лицето врз карпа. Тогаш таа објави фотографии со сериозни повреди на носот, усните и брадата, а подоцна лекарите утврдиле и последици врз мозочната функција.
„Пресудата е јасна – имам оштетување на мозокот од трауматската повреда. Охрабрувачки е што конечно има објаснување, но и вознемирувачки е сознанието колку ќе биде тежок патот за подобрување“, изјави таа во претходна објава.
Лили, позната по улогите во серијата Lost и филмската франшиза The Hobbit, во јуни 2024 година објави дека се повлекува од актерството.
Во најновото обраќање, таа им се заблагодари на следбениците за поддршката и пораките, истакнувајќи дека закрепнувањето е процес што бара време, трпение и системска грижа.
Редакција Фронтлајн





