Суперкомпјутерска симулација спроведена од научници од Универзитетот Бристол, покажува дека цицачите на Земјата, вклучително и луѓето, би можел да исчезнат за околу 250 милиони години, кога планетата ќе стане речиси непогодна за живот поради екстремни температури и драматични геолошки промени.
Истражувањето се базира на долгорочно моделирање на движењето на тектонските плочи, климатските процеси и еволуцијата на Сонцето, а клучниот фактор е формирањето на идниот суперконтинент Пангеа Ултима (Pangea Ultima).
„Троен удар“ за животот на копно
Според моделот на Универзитетот во Бристол, Земјата ќе се соочи со т.н. „троен удар“: екстремна топлина, висока влажност и зголемени емисии на јаглерод диоксид од интензивна вулканска активност. Оваа комбинација ќе ја наруши способноста на цицачите да ја регулираат телесната температура, што би довело до масовно изумирање.
Научниците проценуваат дека 92% од копнената површина на Земјата ќе стане непогодна за живот, со температури кои во внатрешноста на суперконтинентот би достигнувале 40 до 50 степени Целзиусови.
Пангеа Ултима – планетарна „топлотна замка“
Формирањето на Пангеа Ултима ќе создаде огромна копнена маса оддалечена од океаните, со минимално разладување и ограничена влага. Таквата географија ќе функционира како „топлотна замка“, со пустински услови и екстремен топлотен стрес.
Според симулацијата, само 8 до 16% од копното би можело да остане условно погодно за живот – главно во крајбрежни и поларни региони.
Далечна иднина, но важна порака
Истражувачите од Бристол нагласуваат дека ова сценарио се однесува на многу далечна иднина и е резултат на природни планетарни процеси, а не директна последица на денешните климатски политики. Сепак, тие потенцираат дека современите климатски промени и загубата на биодиверзитетот остануваат сериозна закана во блискиот временски хоризонт.
„Ова истражување ни покажува дека Земјата има природен рок на погодност за сложен живот, но тоа не ја намалува итноста да го заштитиме она што го имаме денес“, наведуваат авторите на студијата.
Редакција Фронтлајн







