Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција побара итни одговори од власта за, како што рече, „огромен криминален и картелски скандал“, откако во Србија била запленета пратка од околу 5 тони дрога која, според информациите, минала преку Македонија.
„Во соседна Србија е запленета огромна количина од 5 тони дрога, која дошла преку Македонија. Меѓу уапсените има и ко-сопственик на македонска фирма. Ова е огромен, криминален, картелски скандал за кој мора да има одговорност“, изјави Димитријевиќ.
Тој го постави, како што нагласи, клучното прашање до институциите и Владата.
„Како е можно 5 тони дрога да поминат преку македонската граница? Кој дозволил ваква количина дрога да се прошверцува? Без поддршка и заштита од структури во власта, криминал од вакви размери не може да се случи“, рече генералниот секретар на СДСМ.
Според него, не станува збор за изолиран случај, туку за системски проблем.
„Ова не е инцидент – ова е систем. Како е можно во држава со ‘Сејф сити’, со камери и скенери на граничните премини, да поминат 5 тони дрога? Или станува збор за толку добро организирана картелска мрежа, поврзана со сѐ и сите, на која никој ништо не ѝ може?“, праша Димитријевиќ.
Тој отвори и дополнителни дилеми околу обемот на шверцот.
„Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога се пренесени преку македонските граници без да бидат откриени?“, запраша тој.
Димитријевиќ во изјавата ги поврза, како што рече, криминалните афери со економската состојба на граѓаните.
„Криминални тендери, 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра, а нема пари за поголеми плати, нема пари за минимална плата од 600 евра за работниците кои едвај врзуваат крај со крај. Како во мафијашки филм“, изјави тој.
СДСМ, според Димитријевиќ, со денови алармира за поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија, но од институциите нема реакција.
„Со денови алармираме за директна поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија, но наместо одговори – молк“, рече тој.
На крајот, генералниот секретар на СДСМ упати директно прашање до Обвинителството.
„Дали 5 тони дрога се доволни Обвинителството конечно да реагира? Ќе покрене ли истрага за овој случај или повторно ќе молчи за скандалите и криминалот на власта?“, изјави Димитријевиќ.







