Сојузот на синдикати во средата во Собранието поднесе иницијатива за измени на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица. Со тоа, како што велат од Синдикатот, побара од пратениците сами да поднесат законски измени, а доколку тие не го направат тоа, тогаш, според регулативата, ќе соберат 10.000 потписи од работниците и ќе добијат право сами да поднесат измени на Законот. Сојузот на синдикати бара, кога веќе пратениците не го гласаат Законот за раст на минималната плата, тогаш да се солидаризираат со работниците и да си ги намалат своите плати за 78 проценти, онолку колку што ги зголемија во април 2023 година.
Претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов реагира на изјавите на премиерот Мицкоски дека иницијативата на ССМ за намалување на функционерските плати е „полна со политикантство“, неуставна и дека не ги штити интересите на работниците. Од друга страна, СДСМ, како што соопшти претседателот на партијата Венко Филипче, се согласува со предлогот на ССМ.

Трендафилов: Функционерите ги боли повеќе за нивната, отколку за платите на работниците
Во објава на социјалните мрежи, Трендафиловпосочува дека предлозите на ССМ се и уставни и законски, за разлика од, како што наведува, селективниот пристап на Владата кон прашањето за платите.
„Тоа што го предлага ССМ е и уставно и законски“
„Тоа што предлага ССМ по новата формула за функционерските плати е и Уставно и Законски“, наведува Трендафилов, објаснувајќи дека промената на основицата за пресметка на функционерските плати од просечна на минимална плата значи намалување од 40 отсто, а намалувањето на коефициентите за сложеност за дополнителни 40 отсто води до вкупно намалување од 80 отсто.
Тој дополнува дека ваквото намалување би значело враќање на функционерските плати во реалноста во која живеат работниците.
Барања на работниците: минимална плата од 600 евра
Покрај намалувањето на функционерските плати, ССМ повторно ги потенцира барањата поврзани со работничките плати.
„Работниците бараат минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањето на минималната плата“, стои во објавата на Трендафилов.
„Како за нив е уставно, а за работниците не е?“
Претседателот на ССМ го поставува прашањето зошто намалувањето на коефициентот на функционерските плати за 9,2 отсто – колку што изнесува порастот на просечната плата – се смета за уставно и системско решение, додека намалување од 40 отсто на коефициентите и 40 отсто на основицата се прогласува за неуставно.
„Како тоа намалувањето на коефициентите за да не им се зголеми платата е Уставно, а намалувањето на коефициентите за да им се намали платата е неуставно?“, прашува тој.
Потсетување на одлуките на Уставниот суд
Во објавата се потсетува дека Уставниот суд претходно укинал владина уредба за замрзнување на коефициентите, што резултирало со енормно зголемување на функционерските плати.
„Оваа Влада минатата година со уредби ги намали коефициентите, па сега, кога Уставниот суд ќе одлучи како што веќе одлучил, функционерите ќе добијат зголемување од 12,6 отсто за 2025 година и тоа ретроактивно“, наведува претседателот на ССМ.
„На што се темелат уцените кон работниците?“
Како клучно прашање, пТрендафилов ја посочува уставната основа на барањата кон работниците:
„Уцените работниците да се откажат од правото просечната плата да им биде основица за пресметка на платата се даваат врз основа на Уставот или врз основа на желбите на поединци во Владата?“, прашува тој, додавајќи дека работниците не можат да се откажат од права кои им следуваат согласно Уставот, а кои не можат да бидат поништени ниту со закон, ниту со Општиот колективен договор.

Мицкоски вели барањето на ССМ е политиканство и неуставно
Премиерот Христијан Мицкоски во емисија на МРТВ во врска со барањата на Сојузот на синдикати на Македонија за итно намалување на функционерските плати, рече дека секој обид за ваков тип интервенција во минатото бил прогласен за противуставен од страна на Уставниот суд. Според него, предлогот на ССМ е полн со политикантство и најмалку ги штити интересите на самите работници.
„Ова што се предлага е неуставно и веќе е докажано во минатото. Нашата стратегија е единствениот уставен пат – преку законски измени на коефициентите да го спречиме натамошниот раст на платите и постепено да ги вратиме на нивото пред одлуката за зголемување од 78%“, изјави Мицкоски.
Филипче: СДСМ ја поддржува иницијативата нa ССМ за намалување на функционерските плати
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера, на прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека ја поддржува иницијативата што до Собранието ја поднесе Сојузот на синдикатите за намалување на функционерските плати.
– Ја поддржуваме иницијативата, се дебатира на темата, која на синдикатите и на работниците им создава немир, и јас ги разбирам, треба да дебатираме на темата. Апсолутно поддржуваме иницијатива, јас лично и целата пратеничка група, и тоа нека биде јасно дека е партиски став – ние сме за намалување на функционерските плати. Затоа што и тука го врзувам одговорот со следното прашање: не може одредени категории граѓани да имаат немир и да имаат проблеми. Улогата на Владата е да им излезе во пресрет на сите – рече Филипче.
Ј. Ѓорѓиоски






