Зимските олимписки игри во Милано-Кортина 2026 ќе имаат медали кои ја отсликуваат движечката енергија, единството и тимската работа. Во основата на дизајнот е динамична графичка апстракција, која го покажува спојот на две половини во постојано движење. Контрастот помеѓу грануларната текстура и огледалната површина ја истакнува оваа динамика, додека чистите и едноставни линии го пренесуваат суштинското чувство на единство и постојана промена.
Медалите ја ставаат емоцијата и тимската работа во центарот, симболизирајќи не само поврзаноста помеѓу двата домаќински града, Милано и Кортина, туку и душата на победата и посветеноста потребна за нејзино остварување. Секој медал содржи две половини споени со вредностите на Олимписките и Параолимписките игри, одразувајќи го кулминацискиот момент од патот на спортистот и поддршката на сите кои беа покрај него на тој пат.
Спортистите на победничката бина на Зимските олимписки игри во Италија овој месец ќе бидат наградени со најскапите медали во историјата на Игрите, поради порастот на цените на скапите метали.
Милано и Кортина за првпат во историјата ќе бидат заеднички домаќини на Зимските олимписки игри 2026, обединувајќи спортисти и публика од целиот свет во голема прослава на спортот и заедништвото. Спортисти од над 90 нации ќе се натпреваруваат во 16 спортови, а Кортина се враќа како град-домаќин по 70 години, подготвена за незаборавно искуство.
Свеченото отворање на Милано-Кортина 2026 ќе се одржи денеска во 20:00 часот и ќе донесе спектакуларни настапи на светски ѕвезди, меѓу кои Мараја Кери, Лаура Паузини и Андреа Бочели.
Спектакл во Италија: Денеска свечено отворање на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина







