СДСМ денеска соопшти дека има јасно и реално остварливо решение за зголемување на минималната плата на 600 евра, кое истовремено обезбедува поддршка и за работниците и за компаниите во приватниот сектор.
На прес-конференција, потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, изјави дека преку ребаланс на буџетот и рационално кратење на трошоците од, како што рече, „луксузот на власта“, може да се обезбедат од 130 до над 200 милиони евра.
„СДСМ понуди јасно, конкретно и реално остварливо решение за зголемување на минималната плата на 600 евра“, рече Тренчевска.
Според неа, само за зголемување на минималната плата на 600 евра потребни се околу 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра.
„Со кратење од 20 до 30 проценти на делот ‘стоки и услуги’, каде што спаѓаат возила, мебел, патувања, репрезентации и комфорот на функционерите, се обезбедуваат околу 130 милиони евра“, истакна таа, додавајќи дека со кратење на делот „разни трансфери“ можат да се обезбедат уште околу 75 милиони евра.
Тренчевска нагласи дека овие средства не се доволни само за минимална плата од 600 евра, туку и за дополнителна мерка за поддршка на компаниите преку субвенционирање на придонесите.
„На овој начин компаниите ќе можат да ги зголемат платите без да се загрози нивната ликвидност“, рече таа.
Таа порача дека не треба да се шират стравови меѓу приватните компании и работодавачите и дека, како што рече, „пари во буџетот има, прашањето е на приоритети“.
„Не може да има пари за луксуз, патувања, партиски тендери и партиски вработувања, а да нема пари за работниците“, нагласи Тренчевска.
Во однос на аргументите на Владата дека зголемувањето на минималната плата може да ја загрози економијата, таа потсети на претходните политики на СДСМ.
„СДСМ во својот мандат ја зголеми минималната плата од 8.000 на 22.000 денари и не се затворија работни места, ниту се загрози економијата. Напротив, со повеќе пари кај граѓаните расте потрошувачката и домашното производство“, изјави Тренчевска.
На крајот, таа порача дека доколку Владата навистина сака да им помогне на работниците, може веднаш да предложи ребаланс на Буџетот.
„Изговори нема. Ако власта предложи ребаланс за минимална плата од 600 евра, СДСМ ќе го поддржи“, рече Тренчевска







