Настапот на порториканската ѕвезда Bad Bunny на полувремето на Super Bowl LX беше обележан и со емотивен момент во кој пејачот му го предаде својот „Греми“ на петгодишно момче. Подоцна се откри дека станува збор за детскиот актер Lincoln Fox, кој тоа искуство го опиша како „најголема чест“, иако дел од гледачите погрешно помислија дека на сцената е друго дете, пишува Index.hr.
За време на настапот на полувремето, на кој за шампионската титула се натпреваруваа Seattle Seahawks и New England Patriots, беше прикажана сцена во која момче во дневна соба гледа исечок од неодамнешниот говор на Bad Bunny на доделувањето на „Греми“. Пејачот, чие вистинско име е Бенито Антонио Мартинес Окасио, потоа се појавува пред детето, му го предава златниот грамофон, го тапка по главата и продолжува со енергично изведување на своите најпознати хитови.
„Најголемата чест“
По настапот, Фокс на својот Инстаграм профил објави снимка од стадионот.
„Овој ден ќе го паметам засекогаш! @badbunnypr – ми беше најголема чест“, напиша петгодишното момче.
View this post on Instagram
Објавата собра повеќе од 120.000 лајкови, а бројни следбеници коментираа дека токму тоа им бил „омилениот момент“ од Супер Боулот.
Според податоците од неговата агенција, Фокс е по потекло половина Аргентинец и половина Египќанец, а веќе има глумено во реклами за познати брендови како Walmart, Target и Huggies.
Забуна на социјалните мрежи
Сепак, појавувањето на Фокс предизвика голема забуна на социјалните мрежи. Многу гледачи беа убедени дека момчето на сцената всушност е Liam Conejo Ramos, петгодишник од Еквадор кој неодамна бил пуштен од притвор во Тексас. Рамос во јануари бил приведен заедно со татко му во Минеаполис од агенти на ICE, а нивниот случај привлече големо медиумско внимание.
„Момчето на кое Bad Bunny му го даде Греми на Супер Боулот беше Лиам Рамос!“, напиша еден корисник на X.
„На малиот Лиам Рамос, петгодишникот што го одведе ICE, Bad Bunny му го даде својот Греми. Се расплакав“, напиша друг.
„Дали момчето на кое Bad Bunny му го даде Греми, а камерата долго го снимаше, беше Лиам Рамос!?“, се прашуваше трет корисник.
Реакција на Линколн Фокс
Во следна објава, петгодишниот Фокс се осврна на забуната и на споредбите со Лиам Рамос.
„Емотивен, незаборавен ден кога ја добив улогата на младиот Бенито – симболичен момент во кој иднината на минатото му го предава Гремито. Потсетник дека соништата се остваруваат и дека никогаш не е прерано да се сонуваат големи соништа. Испраќам љубов до Лиам Рамос. Сите заслужуваме мир и љубов во Америка, земја изградена од имигранти и дом на многу вредни луѓе“, напиша Фокс.
View this post on Instagram
Потврда од агенцијата
Набргу пристигна и официјална потврда дека момчето во настапот бил актерот Линколн Фокс. Неговата талент-агенција The W Group објави соопштение во кое ја појасни ситуацијата.
„Појавувањето на Линколн Фокс беше договорено преку стандардни процедури во забавната индустрија и исклучително сме горди на неговата професионалност и ентузијазам“, соопштија од агенцијата. „Ова беше важен момент за него и позитивен чекор во неговата кариера.“
Агенцијата се осврна и на забуната:
„Свесни сме дека некои гледачи погрешно го идентификуваа Линколн како друго дете, Лиам Рамос. Со почит појаснуваме дека Линколн Фокс не е Лиам Рамос.“
Воедно, од агенцијата изразија сочувство до семејството Рамос:
„Искрено сочувствуваме со Лиам и неговото семејство. Јавното внимание може да биде преоптоварувачко, особено за деца, и се надеваме дека разговорот за него ќе се води со емпатија и чувствителност. Секое дете заслужува добрина и приватност.“







