Лидерот на владејачката партија во Република Српска, Милорад Додик, најави дека по победата на неговиот кандидат за претседател на ентитетот ќе преземе нови чекори кои, како што самиот призна, водат кон издвојување на Република Српска од Босна и Херцеговина, иако тврдеше дека не се залага за сецесија, туку за „изворен Дејтон“.
На прес-конференција во Бања Лука, Додик изјави дека победата на кандидатот на неговата партија, Синиша Каран, ја гледа како потврда дека политиката што ја водел била исправна и како поттик да продолжи уште поодлучно.
„Сега ќе мораме на дневен ред да ги ставиме нашите суверенистички одлуки“, изјави Додик, пренесува Index.hr.
Барање за враќање на надлежностите од државно ниво
Додик појасни дека неговата партија, Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД), наскоро ќе предложи парламентот на Република Српска да побара враќање на сите надлежности што по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор биле пренесени на државното ниво.
Тоа, според него, би значело враќање на правото на сопствена војска, гранична полиција и разузнавачка служба, укинување на Судот и Обвинителството на БиХ, како и преземање на овластувањата за директно прибирање даноци, кои сега ѝ припаѓаат на државата.
„Верував дека овој момент ќе дојде и за тоа упорно се борев“, рече Додик.
Тој тврдеше дека Република Српска за ваквата политика ја има поддршката на Русија, новата американска администрација, Србија, Израел и Унгарија, а смета дека ќе ѝ се приклучат и други европски држави.
Како доказ го наведе тоа што на Каран за победата, според него, веќе му честитале рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Повторно, без докази, тврдеше дека 15 држави се подготвени да ја признаат независноста на Република Српска „во рок од 48 часа“.
Повик до Србите да ги напуштат институциите на БиХ
„Самостојноста е наша политичка цел и од тоа нема да отстапиме. Ако ни ги вратат надлежностите, подготвени сме да останеме во дејтонската архитектура, но во ваква Босна и Херцеговина нема да останеме“, изјави Додик.
Тој остро ги критикуваше членовите на Централната изборна комисија на БиХ и судијката на Судот на БиХ, Сена Узуновиќ, која минатата година го осуди на една година затвор поради неспроведување на одлуките на високиот претставник.
Додик најави и дека на Србите кои работат во институциите на БиХ наскоро ќе им биде понудено да ги напуштат тие позиции, со ветување дека во Република Српска ќе им бидат обезбедени нови работни места. Сличен повик тој упати и минатата година, но речиси никој не одговори.
Каран најавува ентитетски изборен закон
Новоизбраниот претседател на Република Српска, Синиша Каран, најави донесување ентитетски изборен закон, со цел Република Српска самостојно да ги организира сите идни избори, како и преиспитување на сите закони донесени врз основа на одлуките на високите претставници.
„Пред нас се тешки задачи. Република Српска е нападната“, изјави Каран, тврдејќи дека ентитетот има право на целосно самостоен статус во рамки на „заедница на држави“, како што тој ја гледа Босна и Херцеговина.
И Додик и Каран повторно ја пласираа тезата дека христијаните во БиХ се загрозени од муслиманите.







