Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по повод празникот Св. Трифун упати честитка до лозарите, но истовремено ја критикуваше Владата, обвинувајќи дека со намалувањето на субвенциите директно им наштетила на земјоделците.
„Го честитам денешниот празник на лозарите и посакувам успешна година, богат род и достоинствена заработка за вашиот труд“, објави Филипче од Моклиште, Кавадарци.
Тој оцени дека состојбата во земјоделството е загрижувачка поради намалувањето на буџетот за субвенции.
„Владата ја намали Програмата за субвенции во земјоделството од 140 на 100 милиони евра. Практично скрати 40 милиони евра, односно една третина помалку средства за сточарството, лозарството, полјоделството и овоштарството“, истакна Филипче.
Според него, дополнително се усложнети условите за добивање субвенции, што особено ги погодува малите земјоделци.
„Го зголеми прагот за добивање субвенции од 0,2 на 0,5 хектари. Поради ова малите земјоделци со 2-3 декари повеќе нема ни да можат да аплицираат“, наведе Филипче.
Тој посочи и дека откупната цена на грозјето била намалена и дека не бил прифатен предлог-закон за нејзино зголемување.
„Минатата година владата ја намали откупната цена на грозјето, и не го прифати нашиот предлог-закон за зголемување на цената“, изјави тој.
Филипче обвини и за притисоци врз средните винарии.
„Средните винарии со оваа власт се условуваат да продадат 30% од грозјето на една или две најголеми винарии за да стигнат до субвенции. Ова не е поддршка за лозарите. Ова е политика што оди во прилог на мал број големи компании, а на штета на лозарите, малите и средните винарии“, рече претседателот на СДСМ.
Тој додаде дека слична состојба има и кај тутунарите.
„Се намали цената на прва класа тутун од 100 на 80 денари, иако беа ветувани 160 денари. Жалам, но очигледно е дека нема грижа за граѓаните и за земјоделците“, изјави Филипче.
Во објавата, тој порача дека СДСМ ќе продолжи да се залага за подобри услови за земјоделците.
„СДСМ ќе продолжи да се бори за фер услови, повисоки откупни цени и вистинска државна поддршка за македонското земјоделство“, нагласи Филипче.







