Комисијата за култура на СДСМ остро реагира на формирањето Работна група за Национална стратегија за македонскиот јазик 2027–2031 од страна на Министерството за култура, оценувајќи дека станува збор за задоцнета иницијатива без реална суштина.
„После две години институционален зимски сон, Министерството за култура конечно се разбуди, но не од грижа за македонскиот јазик, туку од гласините за реконструкција“, се наведува во соопштението.
Од Комисијата за култура на СДСМ посочуваат дека министерот Зоран Љутков ја формирал работната група по две години без конкретни резултати.

„Зоран Љутков конечно формира Работна група за Национална стратегија 2027–2031. Значи, откако две години немаа ниту визија, ниту програмска насока, ниту конкретни резултати, сега ќе пишувале стратегија за пет години однапред… пред да заминат“, се наведува во реакцијата.
Според СДСМ, ваквиот потег е политички мотивиран и не претставува вистинска грижа за македонскиот јазик.
„Ова е политички феномен – кога фотелјата почнува да се ниша, стратегиите никнуваат. Македонскиот јазик не е ПР-штит пред смена. Не е последна фотографија за албумот ‘што сè направивме’. И не е алиби за две изгубени години“, се наведува во соопштението.
Од Комисијата додаваат дека доколку македонскиот јазик бил вистински приоритет, стратегијата требало да биде донесена многу порано.
„Ако навистина им беше приоритет, стратегијата ќе беше готова во првата година од мандатот, со јавна расправа, со буџетска рамка и со конкретни мерки за институциите што денес финансиски и кадровски тонат. Ама наместо тоа добивме Фејсбук статус“, се наведува во реакцијата.
Комисијата за култура на СДСМ порача дека нема да дозволи македонскиот јазик да се користи за политички цели.
„Комисијата за култура на СДСМ нема да дозволи македонскиот јазик да се користи како политички декор во последните недели од еден неуспешен мандат. Стратегијата за јазикот не смее да биде проштално писмо на министерот. Македонскиот јазик е темел на државата. А темел не се става кога зградата веќе се тресе“, се наведува во соопштението.







