Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, најави дека утре во 11 часот синдикалците ќе ја блокираат Владата како дел од синдикалните активности за зголемување на платите, соопшти ССМ на денешната прес-конференција.
Трендафилов истакна дека блокадата ќе биде изведена симболично од 21 синдикален претставник, што е законскиот минимум за организирање ваква активност.
„Владата утре во 11 часот ќе биде блокирана од точно 21 човек, затоа што согласно Законот за јавни собири тоа е законскиот минимум за да ја блокираме некоја институција или сообраќајница“, изјави Трендафилов.
Според него, блокадата е резултат на незадоволството од тоа што Владата и работодавачите не постигнале договор за зголемување на минималната плата до крајот на 2025 година.
„Последната блокада е токму пред Владата, затоа што оваа Влада ги блокира работничките плати долг временски период. Само вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за 9.250 денари, што значи дека едно четиричлено семејство е посиромашно за истиот износ“, рече претседателот на ССМ.
Тој додаде дека синдикатите и работодавачите минатата година постигнале договор за зголемување на платите за најмалку 6.000 денари, но дека Владата не обезбедила поддршка преку ослободување од придонеси, што според него ја чини државата најмалку 120 милиони евра годишно.
Трендафилов нагласи дека работниците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра и раст на сите останати плати, и најави можност за генерален штрајк доколку барањата не бидат исполнети.
„Сојузот на синдикатите на Македонија ќе донесе одлука за организирање на генерален штрајк. Тој може да трае 24 часа и ќе биде организиран на територијата на целата држава“, изјави тој.
Според него, синдикатите веќе добиваат силна поддршка од работниците, а во иднина е можно да се организираат и поголеми протести.
„Веројатно, следниот период ќе излеземе 20.000 работници на улица и многу повеќе од тоа“, рече Трендафилов.
Од ССМ посочуваат дека утрешната блокада е дел од пошироките активности за притисок врз институциите со цел да се обезбеди зголемување на платите и подобрување на условите за работа.





