СДСМ побара Владата да ги објави листите со патници кои патувале со владиниот авион, поставувајќи прашања за неговото користење, се наведува во соопштение на партијата.
„Доколку користењето на владиниот авион било целосно согласно законите и прописите, тогаш зошто Владата упорно одбива да ги објави листите со патници? Што се крие од јавноста?“, прашуваат од СДСМ.
Во соопштението се повикуваат на изјави на премиерот, наведувајќи дека „според Мицкоски, на Јадранско море прво отишол со комерцијален лет со семејството, па го продолжил одморот, па бил на вечера, поради што го пропуштил комерцијалниот лет за враќање, па затоа морал да се враќа со владиниот авион од Сплит“.
Од партијата посочуваат дека „генералната декларација (General Declaration) е задолжителен документ во меѓународната авијација што се доставува за да се идентификува воздухопловот, неговиот екипаж и патниците и мора да се приложи за секој меѓународен лет“.
„Еве, Владата нека ги објави документите, за да видат граѓаните кој се патувал со владиниот авион и колку тоа ги чинело“, се наведува во соопштението.
СДСМ додава дека „граѓаните го плаќаат авионот. Граѓаните ги плаќаат летовите. Граѓаните ги плаќаат трошоците за екипаж, одржување и гориво“, и поставува прашања „кој сѐ летал со владиниот авион?“ и „колку точно чинел секој лет?“.
„Ако сѐ било законски – објавете ги списоците. Ако нема што да се крие – покажете ги документите. Јавноста заслужува одговор“, наведуваат од СДСМ.







