Од СДСМ побараа објаснување од Владата во врска со изборот на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Република Северна Македонија во Република Србија.
На прес-конференција, портпаролката Богданка Кузеска изјави дека српското Министерство за надворешни работи пред околу еден месец ја предало егзекватурата на Адамовиќ, а седиштето на Конзулатот е во Панчево.
Според Кузеска, на социјалните мрежи може да се најдат стари објави на Адамовиќ во кои, како што наведе, се користи терминот „Српска Македонија“. Таа оцени дека ваквите ставови се проблематични.
Од СДСМ тврдат дека Адамовиќ е поврзан со СНС, партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ, и дека во минатото бил дел од нејзини структури.
Партијата посочи и на медиумски објави во Србија во кои, како што наведуваат, се споменуваат различни афери поврзани со неговото име, вклучително и наводи за инциденти и истраги од минатото. СДСМ го спомена и поранешниот српски функционер Зоран Живковиќ, кој во 2019 година јавно изнесол обвинувања во врска со Адамовиќ.
„Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво минато е избрана за почесен конзул“, изјави Кузеска, прашувајќи дали македонските безбедносни служби извршиле проверка и дали премиерот Христијан Мицкоски имал улога во изборот.
Од СДСМ го повикаа премиерот јавно да одговори на прашањата поврзани со назначувањето и да објасни каква е врската меѓу Владата и новоименуваниот почесен конзул.





