Македонската пејачка и авторка Сара Мејс го објави новиот видео запис за песната „Не ме сакаш“, во кој тематизира љубовни односи и општествени стереотипи поврзани со изразувањето на чувствата.
Во спотот, режиран од Дениз Абдула, Мејс настапува заедно со актерот Стефан Николовски. Преку танцова и визуелна динамика, видеото ја обработува темата за површното користење на фразата „те сакам“ и прашањето дали изговорените зборови се доволни без автентична емоција.
Приказната во видеото користи симболика, меѓу која и мотивот на „магично брашно“, како алегорија за обидот љубовта да се врати во нејзината искрена и суштинска форма. Песната испраќа порака дека повторувањето на љубовни изјави нема тежина доколку зад нив не стои вистинска посветеност.
Музиката и текстот се авторско дело на Сара Мејс, а аранжманот го потпишува Роберт Билбилов. Режијата е на Дениз Абдула, директор на фотографија е Димитар Атанасоски, додека монтажата ја изработи Дејан Трпчевски.





