СДСМ обвини дека случајот со враќањето на Артан Груби е дел од однапред договорено сценарио и политички дил, прашувајќи како ВМРО-ДПМНЕ однапред знае што тој ќе изјави.
„ВМРО-ДПМНЕ секојдневно го потврдуваат тоа што го зборуваме од почетокот на реализација на договореното враќање на Груби. Сѐ е дел од однапред смислено сценарио, политички дил“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата прашуваат како владејачката партија однапред знае што ќе каже Груби.
„Како знае ВМРО-ДПМНЕ што ќе проговори Груби освен ако не е сѐ наместено? Како однапред знаат, па уште и најавуваат од партиска говорница на ВМРО-ДПМНЕ?“, стои во соопштението.
СДСМ тврди дека постои и листа со имиња која, како што наведуваат, ја објавувал Бране Петрушевски.
„Дури и листа на имиња имаат кои што Бране Петрушевски ги објавува“, посочуваат од партијата.
Во соопштението се повикуваат и на изјава на владината портпаролка.
„Исто како што портпаролката на Владата, Митева, јавно, на телевизија кажа дека предвреме знае како ќе заврши судски процес против Андреј Жерновски. Однапред им е договорено“, наведуваат од СДСМ.
Партијата оценува дека ВМРО-ДПМНЕ „тонат сѐ подлабоко во сопствените лаги“.
„Театарот започна на граница, со очила, насмевка, камери, само уште црвен килим недостасуваше и Мицкоски да го пречека Груби. Имало безбедносна проценка, па немало. Дале МВР и АНБ, па не дале. Имало странски служби, па немало. Циркус“, се вели во реакцијата.
Од СДСМ обвинуваат дека секојдневно се пласираат нови верзии и спинови.
„Секој ден излегуваат со нова верзија, нов спин, нова лага преку нивните медиуми под контрола на Орбан. Наместо да се занимаваат со подобар стандард на граѓаните, тие се занимаваат со црна кампања и бесмислена пропаганда, за да ги прикријат сите неуспеси на оваа криминално-коруптивна тендер коалиција што ја води државата. Тоа е капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ“, наведуваат од партијата.







