Полициски службеници од Полициското одделение Осломеј лишиле од слобода 44-годишен жител на Кичево, кој лажно пријавил дека има поставена бомба во РЕК „Осломеј“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од МВР, на 05.03.2026 година во 03:30 часот, бил приведен Р.Б. (44) од Кичево, вработен во РЕК „Осломеј“.
„Тој, во 02:25 часот испратил порака на својот шеф со која го информирал дека имал сознание дека во еден оддел во РЕК „Осломеј“ има поставена бомба“, информираат од МВР.
По добиената информација биле преземени проверки и мерки, при што полициските службеници заедно со обезбедувањето извршиле контрола во објектот.
„По преземени мерки и извршени проверки со обезбедувањето, полициски службеници констатирале дека нема поставено бомба и се работи за лажно пријавување“, се наведува во соопштението.
Подоцна, полицијата го пронашла пријавувачот во викенд-куќа во кичевското село Осломеј, каде што бил лишен од слобода.
„Притоа, тој признал дека е лажна пријавата и дека го измислил тоа за да може порано да си замине од работа“, соопшти МВР.
Осомничениот е задржан во Полициската станица Кичево, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.







