Од денеска ЕУРОДИЗЕЛ горивото поскапува за 3,5 денари по литар, а цената на бензините останува иста, одлучи вчера Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Со одлуката, во која е вкалкулирано и намалувањето на ДДВ од 18 на 10 отсто, се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,39 отсто.
Според одлуката, од полноќ максималната малопродажна цена на бензинот еуросупер БС-95 изнесува 86,5 денари/литар, на бензинот еуросупер БС-98 изнесува 88,5 денари/литар, на еуродизелот изнесува 95,5 денари/литар, на екстра лесното масло за горење ќе изнесува 92 денари/литар, а на мазутот М-1 НС ќе биде 47,610 денари/килограм.
„Мерката нема ефект – дизелот достигна 95,5 денари“: СДСМ со критики кон Мицкоски
„Мерката на Мицкоски нема ефект – дизелот поскапе и достигна 95,5 денари за литар“ – соопштија од СДСМ, обвинувајќи дека најновото намалување на ДДВ за горивата не донело реално намалување на цените.
Од СДСМ наведуваат дека само еден ден по прес-конференцијата на премиерот Христијан Мицкоски, дизелот поскапел за 3,5 денари.
Според партијата, ова е трето зголемување на цената во последните три недели, при што вкупното поскапување достигнало 24,5 денари по литар.
„Поскапувањето не се спречи, дизелот поскапе и од ноќеска цената ќе биде 95,5 денари за литар“, наведуваат од СДСМ.
Од опозициската партија оценуваат дека мерката за намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти не дала резултати, бидејќи граѓаните, како што велат, продолжуваат да плаќаат повисоки цени за горивата.
Според нив, ова ќе има директно влијание и врз цените на основните производи, при што предупредуваат на раст на трошоците за живот.
Во соопштението се наведува дека веќе се забележува зголемување на цените на дел од прехранбените производи, при што се посочува дека маслото за јадење е над 100 денари, јајцата над 300 денари, а овошјето и зеленчукот над 100 денари за килограм.
Од СДСМ предупредуваат дека „спиралата на поскапувања е активирана“ и дека се очекуваат дополнителни зголемувања.
Во соопштението, СДСМ упатува и критики кон премиерот Мицкоски, обвинувајќи го дека не презема доволно мерки за справување со економската состојба.
Партијата оценува дека наместо фокус на економските проблеми, Владата се занимава со други теми и политички обвинувања.
Мицкоски: Со намалувањето на ДДВ за горивата дневната заштеда за граѓаните изнесува повеќе од 200 илјади евра
„Имаме стабилни резерви и дополнително го намаливме ДДВ за горивата од 18 на 10%“ – изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за најновите владини мерки поврзани со цените на горивата.
Мицкоски информираше дека Владата на седница во неделата донела одлука за прогласување кризна состојба во траење од 30 дена, како и мерка за намалување на данокот на додадена вредност за горивата од 18 на 10 проценти.
Тој нагласи дека Владата директно интервенира од буџетот со цел да го одржи животниот стандард на граѓаните и најави дека ќе следуваат и дополнителни мерки, во зависност од развојот на состојбата.
Премиерот посочи дека поради пониските цени на горивата во земјава, има зголемен интерес од граѓани од соседните држави.
Според него, притисокот е најголем во пограничните региони – Охрид, Струга и Дебар на запад, Битола и Гевгелија на југ, како и Куманово на север.
„Имаме зголемена потрошувачка од околу 150 илјади литри на ден во однос на вообичаеното ниво“, изјави Мицкоски.
Во однос на можни дополнителни намалувања на цените, премиерот рече дека се очекува разговор со раководството на ОКТА, кој треба да го реализира министерката за енергетика.
„Очекувам разбирање од страна на ОКТА, бидејќи ова се моменти кога сите треба да си помогнеме едни на други“, изјави тој.
Одговарајќи на прашање зошто не се намалува акцизата, Мицкоски објасни дека анализите покажале минимален ефект од таква мерка.
Според него, намалувањето на акцизата би значело поевтинување од околу 1 денар по литар за бензините и 2 денари за дизелот, додека со намалувањето на ДДВ цените се намалуваат за околу 6,5 до 7 денари по литар.
Премиерот изјави дека според владините анализи, дневната заштеда за граѓаните изнесува повеќе од 200 илјади евра, додека неделно се очекува да достигне околу 1,5 милиони евра.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата и ќе реагира со дополнителни мерки доколку е потребно.
Ј. Ѓ.







