Иранското лансирање на два балистички проектили кон американско-британската база Диего Гарсија, оддалечена речиси 4000 километри, иако ниту еден не ја погодил целта, отвори сериозни прашања за вистинскиот дострел и амбициите на Техеран. Сè повеќе расте загриженоста дека ваквите способности би можеле да ја доближат заканата и до европскиот простор.
Ширење на конфликтот и сигнал за поголем дострел
Војната меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга започна пред неколку недели по нападите врз ирански воени и нуклеарни цели. Техеран возврати со ракетни и дронски напади врз американски бази и израелски цели во регионот.
Оттогаш, конфликтот се прошири на повеќе локации на Блискиот Исток, а нападите врз далечни цели, како базата Диего Гарсија, сигнализираат можност за значително проширување на дострелот на иранските ракети. Иако токму оваа база беше цел на нападот, Иран негира дека гаѓал остров оддалечен 4000 километри.
Стратешка база во Индискиот океан
Диего Гарсија се наоѓа на изолиран остров во архипелагот Чагос, на британска територија, и претставува една од двете бази што Обединетото Кралство им ги отстапи на САД за „специфични одбранбени операции против Иран“.
Станува збор за клучна стратешка точка во Индискиот океан, каде се стационирани нуклеарни подморници, бомбардери и разурнувачи.
Иран го надмина сопственото ограничување
Овој напад претставува кршење на претходно самонаметнатото ограничување на Иран за дострел на ракети до 2000 километри.
Со години, Техеран тврдеше дека поголем дострел не му е потребен, бидејќи главните противници се веќе во рамки на тој радиус. Уште во 2017 година, командантот на Револуционерната гарда, Мохамад Али Џафари, изјави дека Иран нема потреба да го проширува дострелот на своите ракети.
Иран засега веројатно нема ниту јасни амбиции ниту конкретни планови за напади врз Европа. Но реално е дека, во случај на ескалација, би можел да достигне одредени американски бази на европско тло, кои би можеле да се најдат меѓу потенцијалните цели. Останува отворено прашањето дали постои политичка намера за тоа и во која мера иранските сили навистина се подготвени за такви удари“, рече тој.
Како Иран достигна 4000 км?
Американските претставници проценуваат дека најверојатно се користени ракети од класата Khorramshahr-4, за која претходно се наведуваше значително помал дострел, околу 2000 километри. Сепак, аналитичарите напоменуваат дека дострелот зависи и од конфигурацијата на проектилот, вклучително и од масата на боевата глава, па во одредени услови може да биде и поголем.
Фабијан Хинц, независен ракетен аналитичар, за Wall Street Journal изјави дека Иран можеби прилагодил еден од своите наводно цивилни вселенски лансери за воени цели. Фарзин Надими, виш соработник во Вашингтонскиот институт, вели дека сложеноста на преработката на постоечка боева глава или ракета укажува дека Иран веројатно се подготвувал за напад многу пред почетокот на војната.
Џефри Луис, експерт за контрола на вооружувањето во Институтот за меѓународни студии Middlebury, изјави дека Иран долго време има технички можности за развој на ракети со среден дострел, но бил ограничуван од политичка неподготвеност да ги употреби. Таа граница сега е надмината.
„Нема враќање назад“, рече Луис. „Ова е едноставна реалност: Иран има IRBM ракети“, изјави Луис за WSJ. IRBM се балистички ракети со дострел меѓу околу 3000 и 5500 километри, што значи дека можат да достигнат цели длабоко во Европа.
Европските градови во дострел
„Лондон, Париз, Берлин и секоја друга европска престолнина сега се во реален дострел на Иран“, изјави за Telegraph бригадниот генерал Ран Кохав, истражувач во RUSI и поранешен командант на израелските воздухопловни и противракетни сили.
❗️The Iranian terrorist regime launched a long-range missile for the first time since the start of Operation Roaring Lion that could reach a distance of ~4,000 km.
During Operation Rising Lion in June 2025, the IDF revealed that the Iranian regime has intentions to develop… pic.twitter.com/iliERIu2hV
— Israel Defense Forces (@IDF) March 21, 2026
Дел од аналитичарите напоменуваат дека земјите членки на НАТО располагаат со системи за балистичка ракетна одбрана способни да пресретнат вакви закани.
Мартин Л. О’Донел, портпарол на Врховната команда на сојузничките сили во Европа, смета дека НАТО има сè што е потребно за одбрана на територијата и порачува дека Европејците можат да бидат мирни, пренесува The Telegraph. Од друга страна, Тал Инбар, истражувачки соработник во Алијансата за ракетна одбрана, предупредува дека Европа располага со одредени капацитети, но дека тие не се доволни.
Но самата фактичка состојба дека вакво сценарио станало замисливо претставува пресвртница, бидејќи Европа повеќе не може да поаѓа од претпоставката дека е надвор од дострел.
Трита Парси, коосновач на Quincy Institute, смета дека американската територија е безбедна од ирански напади, но изјави дека овој обид „укажува дека и други бази, за кои САД сметале дека се надвор од иранскиот дострел, всушност би можеле да се најдат на удар“, како и американски бродови „кои се држеле на оддалеченост од 3000 километри“, пишува CNN.
Огорец: Европа не е ниту приближно подготвена за такви напади
Воениот аналитичар Маринко Огорец за Index.hr вели дека Европа не е ниту приближно подготвена за такви напади
„Ниту приближно. Како што можевме да видиме, голем број европски земји, вклучително и членки на НАТО, со години се потпираа на колективната безбедност во рамки на Алијансата, занемарувајќи ги сопствените вложувања во противвоздушна и противракетна одбрана. За да се воспостави ефикасен и современ систем, потребни се големи и долгорочни инвестиции во цела низа различни компоненти – од системи со краток, среден и долг дострел, преку радари и сензори, до ракетни пресретнувачи.
Клучно е сите тие елементи да бидат интегрирани во единствена мрежа, во која системите меѓусебно комуницираат и координирано реагираат, одредувајќи кои пресретнувачи ќе се активираат против конкретните закани“, вели тој.
Тој вели дека примери како Израел покажуваат дека ваквите системи можат да бидат многу ефикасни, но дека ни тие не се непробојни.
„Во случај на масовен напад, особено со комбинација од балистички проектили, крстосувачки ракети и дронови, и најнапредните системи можат да бидат преоптоварени, што значи дека дел од заканите речиси сигурно ќе пробијат“, вели тој.
Тој додава дека американските бази на Блискиот Исток во повеќе наврати биле изложени на напади и претрпеле одредена штета.
„Дел од персоналот е евакуиран, додека остатокот се обидува да се заштити колку што е можно во постојните услови. Тоа дополнително потврдува дека не постои непробоен систем на одбрана. Дури и најмодерните и најдобро интегрирани системи можат да бидат заситени со голем број проектили или комбинирани напади со дронови и крстосувачки ракети, при што дел од заканите неизбежно поминуваат“, вели тој.
Овие два проектили отвораат низа прашања. Дали станува збор за тест и демонстрација на моќ, обид да се испита вистинскиот дострел и прецизност на големи растојанија или показател дека Иран располага со поголеми капацитети отколку што досега се претпоставувало, во овој момент останува нејасно.
„Кога станува збор за Европа, се поставува и прашањето за мотивите: зошто Техеран би влегол во директен судир и со тоа дополнително би го проширил кругот на противници, што во моментов веројатно не е во негов интерес“, вели Огорец.
Извор Index.hr, aдаптација Редакција Фронтлајн









































































































