Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода
Главен уредник на ЦИВИЛ МЕДИА
Кои едноставни, разумни и веднаш применливи чекори може да ги преземат властите, институциите и големите компании за да ја олеснат тешката економска и социјална положба на граѓанките и граѓаните во оваа и онака сиромашна земја?
Прашањето не е теоретско. Не е ни идеолошко. Тоа е прашање на секојдневно преживување. Луѓето сѐ потешко ги плаќаат сметките, сѐ почесто одложуваат лекарски прегледи, се задолжуваат за основни потреби, стравуваат од извршители, од исклучување струја, вода, телефон или интернет, од губење на покривот над главата. Семејствата кратат од храна, лекови, образование, греење, превоз… И достоинство.
Во оваа тешка состојба во која се наоѓа огромен дел од населението, државата не смее да се однесува како бездушните римски публикани, а големите компании не смеат да се однесуваат како да живеат надвор од општеството од кое заработуваат. Кога луѓето се притиснати до ѕид, секоја такса, секоја камата, секој рок, секоја казна и секоја сметка станува политичко, економско и морално прашање.
Затоа, ова не е повик за милостина. Ова е повик за минимум разум, одговорност и солидарност. Властите, институциите и компаниите имаат простор да направат многу и тоа можат да го сторат брзо, конкретно и без пи-ар спектакли, затоа што тоа им е работа.
ЗДРАВСТВО И ФАРМАЦИЈА
Власта мора целосно да ги субвенционира основните здравствени услуги за граѓаните (со нула партиципација!) особено за луѓето со ниски примања, хронично болните, пензионерите, децата, самохраните родители и невработените. Здравјето не смее да биде луксуз во една социјална држава. Никој не смее да одложува лекарски преглед, терапија, лабораториска анализа или дијагностика затоа што нема пари. Државата мора да обезбеди здравствена заштита што е навистина достапна, а не само формално загарантирана на хартија.
Истото мора да важи и за лековите. Државата треба да ги субвенционира неопходните лекови, особено за социјално ранливите граѓани и за луѓето со хронични заболувања. За оние што секој месец избираат меѓу основни прехранбени продукти, сметки и здравје, лекувањето мора да биде бесплатно. Здравјето не смее да зависи од тоа дали некој има пари во џебот на денот кога ќе се разболи.
Систем што ги тера сиромашните луѓе да избираат меѓу леб и лекови не е здравствен систем, туку механизам на сурова социјална неправда.
СТУДЕНТИ
Власта мора итно да го подобри студентскиот стандард. Студентите треба да бидат сместени во хотелски и други соодветни капацитети, на државен трошок, додека се санираат и реновираат студентските домови, како што побара ЦИВИЛ во соопштението објавено на 13 мај, на кое буквално никој не реагираше.
Појавата на стаорци, недостигот на топла вода, нефункционалните лифтови, доцнењето на стипендиите и неодговорниот однос на институциите не се изолирани инциденти, туку слика на системска негрижа кон младите луѓе. Дали навистина мора посебно да се објаснува дека студентите не смеат да живеат во небезбедни, нехигиенски и недостоинствени услови?
Надлежните мора веднаш да објават конкретни рокови за санација, јасен план за реновирање, јавен увид во трошоците и навремена исплата на стипендиите. Студентскиот стандард не е споредна ставка во буџетот, туку инвестиција во иднината на земјата. Држава што бара од младите да останат, да учат и да ја градат иднината овде, мора прво да им обезбеди минимум достоинство денес.
РАБОТНИЧКИ ПРАВА, ОДГОВОРНОСТ И СОЛИДАРНОСТ НА КОМПАНИИТЕ
Особено големите даватели на услуги, можат да покажат одговорност и солидарност со своите корисници. Телефонските оператори, интернет-провајдерите, електроенергетските и водоводните компании можат да ги намалат цените на услугите, да ги продолжат роковите за плаќање на заостанатите сметки и да не наплатуваат повторно приклучување. Во време на сиромаштија, исклучувањето од основни услуги не смее да биде првата реакција.
Компаниите треба да преземат вистински чекори кон општествена одговорност. Тоа значи да ги помагаат граѓанските организации, независните медиуми и јавниот интерес искрено, без калкулации, без политички филтри и без дискриминација. Општествената одговорност не е украс во годишен извештај, туку конкретна поддршка таму каде што е најпотребна.
Компаниите, особено поголемите, треба да покажат почит и одговорност кон своите вработени: редовна исплата на плати, почитување на работничките права, фер договори, флексибилност за родители и луѓе со здравствени проблеми, како и поддршка за најниско платените работници. Профитот не смее да се создава на сметка на здравјето и достоинството на работниците.
ОЛЕСНУВАЊЕ НА ПРОЦЕДУРИТЕ
СУБВЕНЦИОНИРАН ЈАВЕН И ПРИВАТЕН ПРЕВОЗ
Државата и општините треба да го субвенционираат јавниот, приватниот и меѓуградскиот превоз за ученици, студенти, пензионери, невработени и луѓе со ниски примања. Трошокот за транспорт е сериозен товар за многу семејства, особено за оние што секојдневно патуваат до работа, училиште, факултет, лекар или институција.
Превозот не е луксуз, туку услов за пристап до образование, работа, здравствена заштита и основни услуги. Кога луѓето немаат пари за превоз, тие не само што остануваат дома, туку остануваат отсечени од можности, права и институции.
Особено важно е да се субвенционира и меѓуградскиот превоз, бидејќи многу граѓани живеат во едно место, а работат, студираат, се лекуваат или завршуваат административни обврски во друго, поточно во главниот град. За нив, секојдневното патување е трошок што директно ја јаде платата, пензијата или семејниот буџет.
Оваа мерка не би значела само финансиско олеснување за граѓаните, туку и поголема мобилност, подобар пристап до работа и образование, помалку социјална изолација и посилна локална економија.
РЕПРОГРАМИРАЊЕ НА ДОЛГОВИ И ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ТРОШОЦИТЕ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ
Потребна е итна мерка да се воведе заштитен минимум на приходи што не смее да биде предмет на извршување. Дури и кога има долгови, човек мора да има средства за храна, лекови, сметки и достоинствен живот.
Потребна е јасна одлука со која власта ќе ги заштити луѓето од губење на единствениот дом при присилна наплата на долгови. Никој не смее да остане без покрив над главата поради долг што можел да се реши со репрограмирање, социјална заштита или разумна институционална интервенција. Долговите треба да се наплатуваат, но не по цена на човечко достоинство и животна катастрофа.
Да се ограничат каматите, казнените камати и трошоците за извршување. Често главниот долг е помал од трошоците што се натрупуваат околу него. Тоа ги турка луѓето во долговна спирала од која тешко се излегува.
Може веднаш да се овозможи репрограмирање на долгови под фер услови. Државата, општините, јавните претпријатија, банките и компаниите може да понудат реални планови за отплата, без понижување, закани и дополнителни трошоци.
НАМАЛУВАЊЕ НА ДДВ
ПОЛИТИЧКА ВОЛЈА, ЕДНА ВЛАДИНА ОДЛУКА, ЕДНА СОБРАНИСКА СЕДНИЦА – И ЖИВОТОТ ЌЕ СТАНЕ ПОЛЕСЕН ИСТИОТ ДЕН
Сево ова не треба да биде мерка за политичка реклама, туку мерка за економско олеснување. Граѓаните не живеат од владини соопштенија, туку од тоа колку пари им остануваат откако ќе платат храна, сметки, превоз, лекови и гориво.
Со овие и слични мерки (има уште), властите и големите компании ќе покажат дека имаат сенс за тешкотиите со кои се соочуваат луѓето. Но ефектот нема да биде само социјален. Економијата ќе се раздвижи, даноците, иако намалени, ќе почнат да се плаќаат поредовно, ќе се намали сивата економија, а државниот буџет ќе добие поширока и постабилна даночна основа. Наместо да се притискаат истите осиромашени граѓани и фирми до крајна изнемоштеност, државата ќе поттикне повеќе луѓе и компании да работат легално, да пријавуваат приходи, да плаќаат обврски и да останат активни во економијата.
Дополнителен ефект ќе биде намалувањето на трошоците за социјални кризи. Кога луѓето не губат дом, здравје, работа или пристап до основни услуги, државата подоцна не мора да троши уште повеќе за справување со последиците: сиромаштија, задолженост, болести, иселување, семејни кризи и социјална нестабилност. Превенцијата е поевтина од санирањето на штетата.
И компаниите долгорочно ќе имаат корист од посигурни, постабилни и помалку задолжени корисници. Кога граѓаните имаат барем минимален простор да дишат, тие полесно ги плаќаат сметките, остануваат лојални корисници, купуваат повеќе, поретко влегуваат во долгови и поретко се исклучуваат од системот. За компаниите, тоа значи помалку ненаплатени побарувања, помалку трошоци за присилна наплата, помалку изгубени клиенти и подобра репутација.
Да не се лажеме: за најголем дел од овие мерки не се потребни години стратегии, бескрајни комисии, расправи и „длабински анализи“. Потребна е политичка волја, една владина одлука, една итна собраниска процедура и еден ден за државата да направи нешто што веднаш – истиот ден – ќе им го олесни животот на луѓето.
Уште еднаш: ова не е барање за милостина. Ова е повик на здрав економски разум. Запомнете, има и утре. Не мора да ги направите сите пари денес, особено не врз грбот на луѓето што едвај преживуваат. Помал притисок врз граѓаните денес може да значи постабилен буџет, поодржливи компании и поотпорно општество утре.
Ајде, патриоти, ако ве има: направете нешто добро за државата, олеснете им го животот на луѓето.
ВАЖНА НАПОМЕНА ОД ЦИВИЛ: Овој текст и мерките предложени во него претставуваат авторски став и основа за понатамошна јавна, медиумска и граѓанска акција на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Организацијата ја охрабрува јавната дебата, поддршката, соработката и одговорното пренесување на овие идеи во јавен интерес, со коректно наведување на авторот, ЦИВИЛ и оригиналниот извор.
За идеи, предлози за поддршка и заедничка акција, контактирајте нѐ на info@civil.mk










































































































