Познатиот македонски музички состав „Фолтин“ одбележува значаен јубилеј – 30 години од нивниот прв концерт. По тој повод, бендот преку своите профили на социјалните мрежи го промовираше новото јубилејно лого, кое е дело на истакнатиот македонски визуелен уметник Зоран Кардула.
Како што информираат од „Фолтин“, овој јубилеј не претставува само бројка, туку симболизира три децении исполнети со луѓе, сцени, патувања, љубов, слобода и пријателства кои траат.
„Годинава не славиме само јубилеј. Ги славиме сите допири меѓу музиката и другите уметности. Сите луѓе што низ годините оставиле своја боја, форма, тон или тишина во нашата приказна“, се наведува во нивната официјална објава.
Осврнувајќи се на соработката со Кардула за визуелниот идентитет на јубилејот, од бендот посочуваат дека станува збор за средба на два „јазици“ кои одамна се разбираат без многу зборови, каде што пријателството, музиката и уметноста продолжуваат да растат во иста насока.
Својата објава ја заклучуваат со пораката „ова е само почеток“, со што индиректно најавуваат дополнителни активности и настани за одбележување на нивната тридецениска музичка кариера во текот на годината.











































































































