Поранешната министерка и успешна претприемачка, Нина Ангеловска, информираше дека нејзината прва книга насловена „Ништо случајно“ од денеска е пуштена во претпродажба.
Во својата објава, Ангеловска истакнува дека никогаш не мислела дека ќе напише книга, исто како што не планирала ниту да основа компанија, да стане министерка или да направи бизнис „егзит“. Сепак, како што сугерира и самиот наслов, таа посочува дека ниту еден од овие животни чекори не бил случаен.
„По многу години живеење во пребрзо темпо и постојана продуктивност, пишувањето на оваа книга беше моја дозвола да застанам, да се присеќавам и да раскажам“, објаснува авторката.
Според нејзините наводи, во книгата за првпат отворено се пишува за патот зад јавната слика. Читателите ќе имаат можност да прочитаат детали за градењето бизнис од нула и развојот на македонската е-трговија, но и за предизвиците на лидерството и носењето одлуки на највисоко ниво во државата. Дополнително, Ангеловска најавува дека делото открива и лични дилеми, животни пресврти, лекции и искуства поврзани со мајчинството кои ретко се видливи за јавноста.
Своето обраќање таа го заклучува со надеж дека секој читател ќе пронајде дел од сопствената приказна во нејзиното дело и дека книгата ќе охрабри повеќе луѓе да ги прифатат можностите и предизвиците, дури и во моменти кога патот не е однапред јасен.
Редакција Фронтлајн










































































































