Авалон продукција официјално објави дека концертот на Дејвид Гета во Арена „Тодор Проески“, кој е најавен како спектакл и главен настан со кој ќе се прославуваат 35 години од независноста на Македонија, е распродаден за помалку од 12 часа. Но, овој комерцијален успех е засенет од огромен јавен гнев и преплавени коментари на социјалните мрежи со детални поплаки за нефункционалноста на онлајн системот за резервации, што го натера организаторот Авалон продукција дури и да ги лимитира коментарите под објавата. На прес-конференцијата што се одржа заедно со порпаролката на Владата Марија Митева, Бобан Милошевски од Авалон продукција одби да одговори колкава е сумата што ја плаќа Владата, односно граѓаните на Македонија за настапот на Дејвид Гета, а премолчи и портпаролката на Владата.
Авалон: Огромен интерес и технички потешкотии
Според официјалното соопштение на Авалон продукција, целиот капацитет на Арената е распродаден, при што се продадени 50.000 влезници. Организаторот наведе дека на нивната веб-страница, avalonbooking.mk, се приклучиле повеќе од 250.000 луѓе во ист момент, што предизвикало технички потешкотии при логирањето и купувањето влезници за дел од корисниците. Поради големиот волумен на нарачки, Авалон соопшти дека корисниците кои купиле влезници ќе го добијат својот ПДФ-фајл најдоцна до недела, 17 мај. Тие додадоа статистика според која 93% од влезниците се продадени во Македонија, а 7% во светот.
Реалноста на терен: Револтирани граѓани, обвинувања за нефункционален процес
Додека Авалон слави распродажба, илјадници граѓани се соочија со нефункционален процес на купување, за што сведочат бројните коментари на социјалните мрежи. Многу корисници пријавија дека веб-страницата е целосно блокирана или замрзната. Коментарите на првата објава со деталите за купување на влезници, откриваат дека граѓани чекале повеќе од еден час за да влезат во системот и да одберат седишта, само за да бидат пречекани со пораки за грешка како „надминат број на сесии“ без никаква можност за плаќање. Дури и корисниците кои успеале да дојдат до фаза на плаќање пријавија проблеми, каде што артиклите останувале заглавени во кошничката со неуспешна наплата или пак системот ги известувал дека го „надминале лимитот за оваа нарачка“ иако ништо не купиле успешно. Еден корисник дури го нарече системот „очајно лош“ и обвини за лажни информации за слободни седишта.
Снимки од екран од коментари на фејсбук страницата на Авалон продукција
Неизвесност за платените влезници и сомнеж за црн пазар
Вториот бран сериозни поплаки доаѓа од граѓани кои тврдат дека успешно ја завршиле трансакцијата, но сè уште немаат примено ниту ПДФ-влезница, ниту пак повратен мејл со потврда за купувањето. Некои корисници чекале и повеќе од еден час со празно мејл-сандаче, што предизвикува огромен страв дека трансакциите сепак не се валидни. Овој недостаток на потврда го зголеми стравувањето меѓу јавноста дека влезниците веќе се појавиле на црниот пазар и се препродаваат по повисоки цени. Покрај тоа, еден корисник изрази длабок сомнеж дека воопшто некој од влада или собрание успеал да купи влезница, додека друг корисник дури иронично коментира дека независноста ќе ја слават луѓе од други држави кои ги „испокупија влезнициве“. Овој став е во директна контрадикторност со официјалните податоци на Авалон продукција за 93% продадени влезници на домашни корисници.

Авалон ги лимитираше коментарите на Фејсбук
Индикативно за кризата со која се соочи Авалон продукција е и одлуката да ги лимитираат коментарите под објавата на Фејсбук, што е јасно видливо во скриншотот. Овој потег се чини како директен обид да се сопре лавината од негативни повратни информации и критики за катастрофалниот процес на продажба. Иако меѓу стотиците поплаки успеале да поминат и мал број коментари од упорни корисници кои успеале да купат влезници по чекање од три часа, како и пофалба од еден корисник за идејата, сепак, преовладувачката тема е гнев и незадоволство од организацијата. Покрај тоа, друг корисник кој успеал да купи 10 влезници ја опиша процедурата како тешка и стресна. Ова покажува дека дури и успешните приказни не можат да ја маскираат реалноста на техничкиот колапс.

Владата се пофали со спектакл за одбележувањето на 35-годишнината од независноста на државата
Владата најави амбициозна културна и уметничка програма за одбележување на 35-годишнината од независноста на државата. На прес-конференција беше истакнато дека овој историски јубилеј обврзува приказната за државата да се раскаже со достоинство и визија, преку современиот национален израз.
Според портпаролката на Владата, Марија Митева, на овој голем државен јубилеј му е потребен репрезентативен и долгорочно значаен проект.
„Проект кој за нас и за целата држава нема да биде само настан, туку национална културна манифестација од највисок ранг, со амбиција да остави трајна вредност и силна трага во културната историја на Македонија. Целта е ова одбележување да има државничка тежина, современ културен и продукциски пристап, но и меѓународна препознатливост“, изјави Митева, додавајќи дека концептот треба да ја покаже културната самодоверба пред домашната и меѓународната јавност.
Посебен акцент во владиниот план е ставен на децентрализацијата. Прославата нема да биде концентрирана само на едно место или преку еден настан. Идејата е културата да стигне до сите граѓани, во повеќе градови низ државата, преку различни форми и уметнички изрази.
Програмската структура ќе се реализира во периодот од јули до септември. Митева најави дека деталите за повеќето настани ќе бидат соопштувани етапно, во соработка со „Авалон продукција“, додека фокусот ќе биде ставен на централниот, голем настан закажан за 8 Септември.
„Веруваме дека како држава имаме капацитет да создадеме настани со сериозна продукциска вредност, со силна емоција, но и со културна порака која навистина ќе остане запаметена и надвор од нашите граници. Ова е наш обид да оставиме трага за генерациите коишто доаѓаат“, заклучи Митева.
Ј. Ѓорѓиоски
















































































































