Сите 150 ученици и нивните наставници од Загреб и од други делови на Хрватска, кои поради невремето вчера го одложија враќањето од Сљеме, денеска безбедно се пренесени во Загреб, соопшти Град Загреб.
Учениците и наставниците биле спуштени од Сљеме околу 14:30 часот во конвој од 15 технички и патнички возила на „Загребачки цести“ и ЗЕТ, со координација на градските служби и установи. Според објавата на Град Загреб на Фејсбук, во конвојот бил и градоначалникот Томислав Томашевиќ.
Враќањето било неопходно откако Сљеме во четвртокот и петокот било погодено од снежно невреме проследено со силни налети на ветер.
За да биде овозможено спуштањето на учениците, било потребно да се расчисти патот по патот до Сљеме, каде што паднале бројни дрвја и имало многу снег. Од Град Загреб велат дека операцијата за пробивање на патот од Близнец до Сљеме траела 20 часа, а во неа учествувале 11 возила и машини, пожарникари од ДВД Грачани и работници од „Загребачки цести“.
На Сљеме престојувале ученици и наставници кои од почетокот на неделата биле на училиште во природа, како и на државен натпревар по економија. Станува збор за околу 80 ученици од Основното училиште „Рудеш“, околу 20 ученици од Првото католичко основно училиште во Загреб, како и околу 50 ученици од дваесетина средни училишта од повеќе делови на Хрватска.
Градоначалникот Томашевиќ вчера соопшти дека учениците требало да тргнат дома уште во петокот, но поради опасните услови било одлучено да останат на безбедно на Сљеме до денеска.











































































































