Мисијата Артемис II на НАСА се очекува да го надмине рекордот на Аполо 13 за најголема оддалеченост од Земјата при лет со екипаж кон Месечината, објави Асошиетед прес. Според најавите, четворицата астронаути ќе се оддалечат околу 4.000 милји повеќе од максималната дистанца што ја достигна Аполо 13 во 1970 година.
Лансирани минатата недела на првото патување на човештвото до Месечината по 1972 година, тројцата Американци и еден Канаѓанец го бркаат рекордот на Аполо 13 за најголема оддалеченост од Земјата. Тоа ќе ги направи најоддалечените емисари на нашата планета додека во понеделник, без застанување, поминуваат зад Месечината за потоа брзо да се вратат дома.
Нивното приближно шестчасовно прелетување ветува поглед на далечната страна на Месечината кој беше премногу темен или тежок за гледање за 24-те астронаути од програмата Аполо кои патуваа пред нив. Дополнително, ги очекува и целосно затемнување на Сонцето во моментот кога Месечината ќе го блокира Сонцето, откривајќи делови од блескавата корона.
Директорот на летот, Џад Фрилинг, истакна дека целта е да се набљудува и мапира површината за во иднина да се продолжи со враќање со полна сила. Крајната цел е воспоставување база на Месечината која ќе биде опремена со лендери, ровери, дронови и живеалишта. Ова е поглед на блиската средба на Артемис II со друг свет и со нашиот постојан придружник – Месечината.

Аполо 13 досега го држи рекордот, откако астронаутите Џим Ловел, Фред Хејс и Џек Свајгерт се оддалечиле 248.655 милји, односно 400.171 километар од Земјата. Тоа се случило откако, по експлозија на еден од кислородните резервоари, мисијата била пренасочена на т.н. слободна повратна траекторија за што побрзо и побезбедно враќање на екипажот.
И Артемис II ќе лета по слична траекторија во форма на осумка, бидејќи оваа мисија не предвидува слетување на Месечината, ниту орбитирање околу неа. Од НАСА велат дека овој лет претставува важна пресвртница што на јавноста ѝ ја приближува врската меѓу програмите Аполо и Артемис.
За време на прелетот покрај Месечината, астронаутите ќе се менуваат во парови за да ги фотографираат погледите низ прозорците на капсулата „Орион“. Според тимот на НАСА, иако поради датумот на лансирање нема целосно да биде осветлена далечната страна на Месечината, сепак ќе можат да се забележат делови што луѓето досега не ги виделе директно, меѓу нив и дел од басенот Ориентале.
Во текот на мисијата е планирано и целосно затемнување на Сонцето, но видливо само од капсулата, а не и од Земјата. Астронаутите ќе имаат можност неколку минути да ја набљудуваат короната, односно надворешната атмосфера на Сонцето, и да пријавуваат евентуални необични соларни појави.
Кога „Орион“ ќе се најде зад Месечината, врската со Контролата на мисијата ќе биде прекината околу 40 минути. По прелетот, Артемис II ќе продолжи кон Земјата, а враќањето е планирано четири дена подоцна, со спуштање во Пацификот во близина на Сан Диего.
Командантот на Артемис II, Рид Вајсмен, пилотот Виктор Гловер и специјалистката за мисијата Кристина Кох од НАСА, заедно со специјалистот за мисијата Џереми Хансен од Канадската вселенска агенција, ќе стигнат до сферата на влијание на Месечината во недела, на 5 април, пред вселенското летало „Орион“ да прелета околу далечната страна на Месечината во понеделник, на 6 април.
Ј. Ѓ.












































































































