Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) упати јавен повик до сите културни работници на масовен протест кој ќе се одржи овој четврток, на 16 април, со почеток во 12:00 часот пред просториите на Министерството за култура.
Под мотото дека трпението е потрошено, од Синдикатот алармираат за сериозно нарушување на работничките права и непочитување на воспоставените законски рамки. Главните причини за излегување на улица се заштитата на Колективниот договор, кој според нив е под постојан удар, како и прекинување на институционалното игнорирање на културните работници од страна на надлежните.
Од Синдикатот порачуваат дека достоинството на вработените во културата е понижено и дека веќе нема простор за чекање, оправдувања или молк. Нивните барања се јасни: правда, почит и достоинство за сите чинители во културниот сектор.
Настанот е закажан точно напладне пред ресорното министерство, каде се очекува културните работници масовно да го изразат својот револт против актуелните состојби во секторот.






