Музичкиот фестивал „Сепак се врти“ отвори кампања за онлајн донации преку платформата за заедничко финансирање „eCrowd“ со цел да се обезбедат средства за овогодишното издание на манифестацијата. Организаторите од колективот „Гола планина“ се одлучија на овој модел откако фестивалот не доби поддршка од Министерството за култура и туризам, иако ресорното министерство го поддржа ланското издание.
Овој музички фестивал е од патувачки тип и е насочен кон децентрализација на културата и промоција на млада локална авторска музика. Настаните се организираат на централни локации низ повеќе градови, со цел алтернативната култура да се приближи до младите луѓе кои досега немале можност да се запознаат со разновидноста на домашната музичка сцена.
Според најавениот караван за оваа година, фестивалот ќе ги посети Охрид, Кичево, Кавадарци и Скопје во текот на четири саботи во месец мај. Ова претставува продолжување на повеќеградската форма на фестивалот, кој по започнувањето како еднодневен настан во Скопје во 2024 година, минатата година помина низ Битола, Прилеп, Гостивар, Струмица, Куманово и Скопје.
Фестивалот се смета за централен настан на колективот „Гола планина“, кој во мај слави пет години од своето постоење. Колективот во изминатиот период активно работи на поддршка на младите авторски бендови преку издаваштво и организација на локални и меѓународни концерти и турнеи. Кампањата за донации е достапна за сите граѓани кои сакаат да го поддржат опстојувањето на оваа независна културна иницијатива.
Фото: фестивал „Сепак се врти“








