Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција соопшти дека партијата поднела кривична пријава против премиерот Христијан Мицкоски. Според опозициската партија, премиерот директно го урива правниот систем со тоа што јавно најавува кривични прогони и однапред нарачува судски процеси против политичките неистомисленици.
Од СДСМ истакнуваат дека Мицкоски ги користи државните институции како алатка за лична и политичка одмазда.
„Христијан Мицкоски повеќе не се крие – тој е обвинител, судија, кој однапред нарачува судски процеси против опозицијата и неистомислениците“, изјави Димитријевиќ.
Според партијата, ваквото однесување е својствено за авторитарни режими и претставува скандал од невидени размери. Тие додаваат дека премиерот директно таргетира луѓе од опозицијата и нивните семејства со „однапред напишани обвиненија“.
„Неговото ’имам чувство‘ го диктира стравот затоа што знае дека ќе мора да се соочи со одговорноста. Но, ова е скандал од невидени размери и претставува целосно уривање на правниот и уставниот поредок и за ова мора да понесе одговорност“, се наведува во соопштението.
Кривичната пријава поднесена од СДСМ го товари Мицкоски за три конкретни дела според Кривичниот законик: Злоупотреба на службената положба и овластување (Член 353, ст. 1); Повреда на рамноправноста на граѓаните (Член 137, ст. 1 и ст. 2); Загрозување на сигурноста (Член 143, ст. 1).
Од СДСМ побараа Јавното обвинителство веднаш да го повика Мицкоски на распит и да докаже дека може да постапува независно, а не само по нарачки.
„Мицкоски нарачува процеси мислејќи дека со тоа ќе нè исплаши и ќе ја запре нашата борба против неговата криминална организација. Се лаже! Нема да запреме! Не се плашиме! Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста!“, порачаа од партијата.





