СКОПЈЕ, 28 април 2026 – По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, ЦИВИЛ – Центар за слобода упати повик до институциите, работодавачите и граѓанското општество за итно унапредување на стандардите за заштита на работниците, со посебен фокус на менталното здравје и психосоцијалната безбедност.
Во своето соопштение, ЦИВИЛ нагласува дека работничките права, во чии рамки спаѓа и заштитата на здравјето, животот и достоинството на работничките и работниците, претставуваат нераздвоен дел од корпусот на основните човекови права и демократските вредности на едно општество. Не постои функционална демократија таму каде што работникот е изложен на страв, несигурност или опасности по неговиот физички и ментален интегритет.
„Податоците се немилосрдни. Со 31 жртва и вкупно 132 несреќи на работното место во изминатата година, јасно е дека безбедносните протоколи често се само на хартија. Посебно загрижувачка е состојбата со неформалната економија, каде што над 94.000 наши сограѓани работат без никаква правна или здравствена заштита“, велат од ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ бара од државата да воведе строг надзор врз спроведувањето на Законот за безбедност и здравје при работа и итно усогласување со новите ЕУ директиви за заштита од психосоцијални ризици.
„Безбедноста на работа не е луксуз, туку законска и морална обврска. ЦИВИЛ нема да молчи пред системот кој дозволува профитот да биде поважен од човечкото достоинство и живот“, се вели во соопштението на оваа организација за човекови права и слободи, основана во 1999 година.
Тие истакнуваат дека организацијата останува на првата линија во одбрана на човековото достоинство, ги осудува сите форми на експлоатација и се залага за општество во кое трудот се вреднува, а човекот се почитува.
Д. Е.







