Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања му порача на пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети, дека никој во државата нема против користењето на албанскиот јазик. Тој истакна дека Владата нема да дозволи играње со чувствата на Албанците преку ситен етнички популизам, потенцирајќи дека граѓаните се ценат подеднакво, а не по етничка линија соопштуваат од Владата.
Мицкоски посочи пример од вчерашната посета на претседателот на Швајцарската Конфедерација, каде што иако според Уставот единствен јазик за меѓународна употреба е македонскиот, бил обезбеден превод и на албански јазик. „Дури и моето обраќање беше преведено на албански јазик, па не ни пречеше, и нема да ни пречи“, нагласи премиерот.
Во однос на Законот за јазици, тој потсети дека Венецијанската комисија дава препорака да се напушти примената на двојазичноста во правосудниот систем (член 102) и да се врати законското решение од 2008 година. Притоа, тој му порача на Беџети дека Венецијанската комисија не оценува уставност, туку тоа го прави Уставниот суд, чиј актуелен состав бил избран токму од претходното мнозинство на СДСМ и ДУИ.
Премиерот наведе дека актуелното парламентарно мнозинство веќе ги коригира недостатоците оставени од претходната власт, посочувајќи го примерот каде со измени во Законот за социјална заштита им се овозможи на вработените во градинките да го полагаат стручниот испит на албански јазик – нешто што претходната власт не го направила.
„Дваесет години ништо не направивте пред сѐ за Албанците. Но, и тие се свесни, сакаат убаво да живеат, да имаат поквалитетно здравство, пензии, плати и подобро образование, не им требаат овие теми. Луѓето во 21 век на Марс се качија, а вие се обидувате со ситен популизам да мислите ќе добиете некакви поени. Ова е нова Македонија во која секој придонесува подеднакво, не по етничка основа, туку со проект и реформа повеќе“, дециден беше Мицкоски.







