Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, на денешната седница за пратенички прашања отвори сериозни сомнежи за селективно постапување и прикривање детали во полициската акција во која беше уапсен директорот на Државниот инспекторат за земјоделство за поткуп од 50.000 евра. Таа директно го праша министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, дали акцијата била намерно прекината предвреме за да се заштити министерот за земјоделство.
Петровска потсети дека на 19 март МВР излезе со „скромно и срамежливо“ соопштение за апсењето, без да ја открие точната локација. Сепак, презентирајќи фотографии од апсењето и споредувајќи ги со поширок агол од просторот, таа посочи дека чинот се случил во подземните гаражи на улицата „Матеја Матевски“ во Скопје – истата адреса на која, според имотниот лист што го приложи, живее министерот за земјоделство.
„Локацијата каде е уапсен директорот никогаш не беше кажана во јавноста. Дали намерно или ненамерно, таа е локацијата во подземни простории, гаражи, кои водат до домот на министерот за земјоделие. Каква случајност“, истакна Петровска од собраниската говорница.
Таа упати директно прашање до Тошковски дали некој во МВР свесно ја прекинал операцијата и го уапсил директорот пред тој да ги достави парите до министерот.
„И брат да е, ќе одговара, така викавте, па сега да видиме“, му порача Петровска на министерот Тошковски на крајот од своето обраќање.









