Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше и се обрати на отворањето на првата сезона на „Плазма“ спортските игри за млади, што се одржа на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
Изразувајќи го своето задоволство од масовноста и позитивната атмосфера, премиерот Мицкоски истакна дека глетката на преполниот плоштад со млади спортисти е „навистина прекрасна“ и претставува „нешто божествено“. Тој изрази уверување дека учесниците ќе ги паметат овие денови и недели во текот на целиот свој живот.
Во своето обраќање, Мицкоски упати силна порака до младите, повикувајќи ги активно да се занимаваат со спорт, да градат пријателства и да учат.
„Спортувајте, другарувајте, учете затоа што спортот е иднината на нашата татковина Македонија“, порача премиерот Мицкоски.
Тој исто така упати благодарност до наставниците и професорите за нивниот ангажман и присуство на настанот. Мицкоски вети дека извршната власт ќе остане фокусирана на унапредување на спортската клима во државата.
„Ние како Влада ќе продолжиме да го подржуваме спортот и да стоиме позади младите“, нагласи претседателот на Владата, посакувајќи им среќа и успех на сите учесници, со пораката „нека победи подобриот“.






